До крајот на неделава жолто и портокалово ниво за опасност од високи температури


Од утре до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

– Според прогнозираните и пресметаните гранични вредности на екстремни температури од УХМР, на територијата на нашата земја утре ќе биде активно жолто, а во Скопската и Полошката котлина портокалово ниво за опасност од високи температури. Поради натамошен пораст на температурите од четврток насекаде ќе биде активно портокалово ниво, се додава во соопштението од УХМР.

„Од Институтот за јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека од утре (среда, 19.06.) до недела (23.06) територијата на цела држава ќе биде зафатена од топлотен бран – портокалова фаза, со што ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението“,
информираа од МЗ на официјалниот фејсбук-профил.

Покрај препораката за ослободување од работа на најранливите групи население, Владата донесе препорака и градинките да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

„Единиците на локалната самоуправа, Црвен крст и центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица; Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област“, се наведува во препораките на Владата донесени по предлог на Министерството за здравство.

Back to top button
Close