Долготрајна, хронична кашлица – можни причини

Брзо дејствување по одредени симптоми, може да помогне за брзо надминување на кашлицата. Исто така, спречувањето, т.е. превенцијата е многу важна.

 

Астма

Се работи за хронична болест што ги погодува белите дробови, предизвикува повторени епизоди на отежнато дишење (познати како напади на астма), стегање во градите и ноќна и / или утринска кашлица, истакнуваат стручњаците. Таа е една од најчестите болести која ги погодува децата, но и возрасните лица.

Предизвикувачите на астма се различни за секого – вежбање, одредена храна, чад од цигари и други надразнувачи во воздухот што ги предизвикуваат нападите. Идентификувањето и избегнувањето на предизвикувачите (или барем минимизирање на изложеноста на нив) е клучно за управувањето со астмата.

 

Алергии

Во зима, минуваме повеќе време во затворени простории, па така човекот е и поизложен на алергени. При алергии на влага, прашина и други вообичаени поттикнувачи, може да дојде до постојана кашлица. Во случајов се препорачува разговор со алерголог и тест за алергија. На овој начин ќе се дознае на што лицето е алергично и како да се држи подалеку и настрана од тие алергени.

 

Загадувањето на воздухот

И воздухот може да предизвика постојана кашлица. Дури и краткотрајно изложување на некои гасови може да доведе до и иритација на белите дробови. Испарувањата, исто така, може да ги влошат симптомите на алергија или астма.Истото важи и за мувла во и околу домот.

Последици од потешка болест или зараза

По тешко заболување на дишните органи, како што се пневмонија и грип, по заздравувањето може да остане постојана кашлица. Тоа може да трае со недели и месеци.

Оваа продолжена кашлица може да укажува и на тоа дека може да има долготрајна инфекција во телото и се советуваат дополнителни тестови за овие случаи.

 

Пушење

Луѓето кои пушат често развиваат кашлица предизвикана од природниот одговор на телото да се ослободат од хемикалиите што навлегуваат во дишните патишта и белите дробови. Може да почне како сува кашлица, но на крајот неизбежно има и слуз.

Научен труд објавен во списанието „Медисин“ (Medicine) ја разгледува преваленцата на хронична кашлица и можните причини кај општата популација. Испитувањата засновани на Корејското национално истражување за испитување на здравјето и исхраната, опфатиле 119.280 возрасни лица на возраст над 40 години, и покажуваат дека 47,7 отсто од испитаниците со хронична кашлица биле пушачи во тој миг.

Секако, најлесниот начин за пушачите да се ослободат од кашлицата е откажување од цигарите. Па така, доколку треба помош во тоа, советот гласи – матичниот лекар може да Ве упати во вистинската насока.

Back to top button
Close