Досега нема индиции дека трговците договарале зголемување на цените, Битиќи ја повика КЗК да си ја врши работата

Ако се утврди дека има картелски здружувања меѓу трговците по укинувањето на мерката за гарантирани цени на прехранбените производи, вицепремиерот Битиќи најави дека лично тој, како и во претходниот случај, ќе поднесе претставка до Комисијата за заштита на конкуренцијата

Досега нема индиции за договорено зголемување на цените на исти производи во различни маркети, откако на 1 март заврши мерката за гарантирани цени, соопшти вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој ги повика новинарите во сабота да му се придружат во инспектирањето на шест трговски синџири, за да се види дали и какви поскапувања се случиле во изминатите денови. Ако се утврди дека има, Битиќи најави дека лично тој, како и во претходниот случај, ќе поднесе претставка до Комисијата за заштита на конкуренцијата. Претходно од КЗК соопштија дека за да утврдат договарање на цени мора да имаат цврсти докази или сомнежи, кој се договарал, кога и за кои производи?!

-За каков доказ зборуваме? Комисијата мора да си ја врши работата. Ако треба јас ќе поднесам повторно претставка па нека истражуваат – рече Битиќи и додаде дека од првичните извештаи на ДПИ нема некои поголеми поместувања на цените по нивното одмрзнување.

Во меѓувреме Министерството за економија ја подготвува листата која трреба да содржи околу 2.000 производи, кои по донесувањето на Законот за нефер практики ќе бидат со маржа до 10 отсто, и ако се согласат трговците таа може да биде и пониска.

На листата меѓудругите се различни видови млеко и павлаки, јогурт, видови сирење, мед, компир, домат, кромид, лук, краставици, видови грав и грашок, блитва, ананас, боранија, леќа, авокадо, видови портокали, мандарини, лимон, грозје, лубеници, вишни видови кафе, житни производи, видови колбаси, дел од конзервираната храна, видови шеќер, слатки и колачи, какао и производи од какао, џемови, путерот од кикирики. Листата ќе биде проследена до стопанските комори и до Организацијата на потрошувачи, а потоа како Правилник ќе биде објавена кога ќе стапи на сила Законот и ќе се објави во Службен весник.

Back to top button
Close