ДСЗИ ќе врши вонредни инспекции за примени вакцини против голема кашлица – Министерството за здравство ги прифати препораките на Комисијата

Министерот за здравство Илир Демири ги прифаќа препораките дадени вчера од Комисијата за заразни болести, а кои се однесуваат за заштита од голема кашлица и ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да врши вонредни инспекциски надзори, информираат од Министерството за здравство.

„Министерот Демири ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предвидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица“,се вели во соопштението од Здравство.

Од Министерството за здравство повторуваат дека најдобар начин за превенција од голема кашлица е вакцинацијата и ги повикуваат родителите да ги вакцинираат своите деца.

Вакцинацијата против голема кашлица во Република Северна Македонија се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV).

Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.

Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.

Вакцината против голема кашлица на препорачаната возраст на доенчињата го намалува ризикот од сериозна форма на болест.

Соопштението од Министерството за здравство доаѓа откако денеска директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска, рече дека инспекторите ќе почнат со вонреден инспекциски надзор во градинките во Скопје доколку по вчерашната препорака на Комисијата за заразни болести одлука за ваква мерка донесе министерот за здравство.

Младеновска појасни дека ќе го чекаат налогот од министерот за здравство согласно препораките од Комисијата за заразни болести бидејќи, како што рече, „сепак, министерот е над сите нас и треба да даде одговор дали ги прифаќа препораките и да донесе одлука ДСЗИ да врши инспекциски надзор исто како што беше во 2019 година кога имавме епидемија на морбили“.

Таа дополнително информираше дека ДСЗИ согласно планот за овој месец има предвидено редовни инспекциски контроли во сите вакцинални пунктови ширум државата, како и во здравствените домови.

Според последните информации од Центарот за јавно здравје, денеска во Скопје се регистрирани три нови случаи на заболени со голема кашлица. Со тоа бројката на нови случаи во главниот град се искачи на 141 случај.

Back to top button
Close