(ФОТО) ДУИ: Насилството врз двајца млади, бараме оставка од заменик-министерот за внатрешни, Астрит Исени

Демократската Унија за Интеграција бара целосно расветлување на случајот со двајцата млади на возраст од 21 и 23 години, кои, според нивните изјави, биле брутално малтретирани од полицијата.

Според информациите на опозициската партија, во интерниот полициски извештај се тврди дека младите му го одзеле пиштолот на еден полициски службеник, додека, според нивните изјави, оружјето завршило во нивното возило откако полицијата им го скршила стаклото.

„Тие, исто така, изјавуваат дека полицајците пукале со огнено оружје, им ги дупнале гумите на возилото, а потоа ги малтретирале, откако им ги врзале рацете и ги легнале на земја.

Бараме итна, непристрасна и транспарентна истрага за целосно расветлување на настанот, како и одговорност за секое прекршување од страна на полициските службеници.

Молчењето и отсуството на одговорност не се опција!

ДУИ бара оставка од Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, како и целосна институционална одговорност за овој случај.

Правата и достоинството на граѓаните не смеат да бидат повредувани од оние чија должност е да ги штитат“ велат од ДУИ.

Од МВР соопштуваат дека „по објавите во дел од медиумите дека на 07.10.2026 година, на подрачјето на Скопје, две лица биле физички нападнати од полициски службеници при нивното постапување, при што, според нивните наводи, им бил оштетен и автомобилот, министерот за внатрешни работи наложи на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот“.

„Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници. По утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена“ велат од МВР

Back to top button
Close