ДУИ: Шефот на кабинет на Меџити главен за уцени и мито
Соопштение на ДУИ:
ДУИ повторно го осудува тешкиот корупциски скандал во Министерството за животна средина, каде што по контролата на Државниот управен инспекторат е потврдена злоупотреба на службената должност од страна на министерот Изет Меџити и неговиот кабинет.
„Прашањето што останува без одговор е: Каква е улогата на шефот на кабинетот на Меџити во овој скандал? Доверливи извори од Министерството за животна средина потврдуваат дека шефот на кабинетот на Меџити бил клучна фигура во шемата на уцени и мито, вршејќи притисок врз компании и граѓани за секоја административна услуга. Од лиценци и еколошки дозволи до обични бирократски постапки, ништо не поминувало без негово одобрение и без коруптивните шеми водени од кабинетот на Меџити.Истите овие луѓе биле вклучени во слични корупциски шеми и во Општина Чаир, претворајќи ја во урбанистички кошмар за граѓаните.
ДУИ бара истражните органи да ги прошират истрагите не само против Меџити, туку и против клучните личности во неговиот кабинет, вклучително и шефот на неговиот кабинет, кој со месеци води добро организиран систем на уцени и корупција во Министерството за животна средина“, порачуваат од ДУИ оценувајќи дека оваа Влада секојдневно тоне во скандали, докажувајќи ја својата неспособност и отворена корупција.
Освен овие тврдења за скандал околу Меџити, реакции предизвика и неговата изјава дека коалицијата „Вреди“ ќе вработи две до три илјади Албанци во јавната администрација, што Владата се обидува да ја безуспешно демантира неколку дена. Според СДСМ, премиерот Христијан Мицкоски всушност потврдил дека се прават списоци за партиски вработувања во јавната служба.
„Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека секој можел да прави списоци за вработување е јасна потврда дека списоци за робусно вдомување на 3.000 партиски војници постојат. Се потврдуваат намерите со скандалозната најава на Меџити за историски најголема партизацијата на јавната администрација.
Очигледно има веќе подготвени списоци со имиња на ‘подобните’ партиски кадри, кои треба да се вдомат во јавниот сектор. Прашањето е смее ли Мицкоски да побара одговорност од Меџити? Или дилот им е заеднички, пред локалните избори да има робусно полнење на администрацијата со партиски послушници? Овој огромен, робусен скандал со најголема партизација на институциите мора да биде целосно расчистен“, реагираа од СДСМ.
Тие побараа ДКСК мора веднаш да отвори предмет по оваа изјава на Меџити, сите моментални вработувања во администрацијата да бидат стопирани и да се обезбеди целосна истрага за овој скандал