Движењето на ,,цитроенот”, минути пред да биде грабната Вања, прикажано во судница, во 6 часот и 37 минути стигнал пред нејзината зграда

Неколку снимки, од рутата на движењето на возилото ,,цитроен” и тоа на денот 27 ноември 2023 година, кога беше грабната и убиена 14- годишната Вања Ѓорчевска, денеска беа презентирани во судница.

– На 27 ноември 2023 годни, 6 часот и 28 минути, возилото ,,цитроен” е забележано по улиците во Чаир. Потоа го продолжува движењето право, во насока кон Центар. Возилото продолжува да се движи по булеварот Христијан Тодоровски Карпош, а во возилото се гледаат силуети на три лица, појаснуваше обвинителката.

Во 6 часот и 32 минути возилото е кај трговскиот центар ,,Мавровка”, по што продолжува кон мостот ,,Гоце Делчев”.

 

-На раскрсницата кај Владата, возилото ,,цитроен” во 6 часот и 33 минути застанува на семафорите. Потоа движењето го продолжува кон булеварот Климент Охридски. Оттука се упатува кон улица Орце Николов. Во 6 часот и 36 минути ,,цитроенот” е снимен на паркингот кај хотел ,,Парк”. Тука подзастанува и продолжува да се движи право кон зградата на оштетената Вања Ѓорчевска на улица Наум Наумовски Борче, каде што стигнува во 6 часот и 37 минути, презентираше обвинителката.

Судењето е во тек.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.(fokus.mk)

Back to top button
Close