ДЗР утврди неправилности во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви
Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил повеќе слабости и неправилности во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви при ревизијата на финансиските извештаи за 2024 година и ревизијата на усогласеноста со законската регулатива.

Во ревизорскиот извештај е наведено дека финансиските извештаи добиле мислење без резерва, односно се оценети како реално и објективно прикажани, но за усогласеноста со законите, подзаконските акти и воспоставените политики е изразено мислење со резерва.
Ревизорите констатирале дека Агенцијата во период од неколку години не доставила предлог-одлука до надлежното министерство за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви. Исто така, утврдени се исплати на плати и надоместоци кои не биле целосно усогласени со законската регулатива, како и несоодветна евиденција на полното работно време.
Во извештајот се потсетува дека и ревизијата за 2018 година завршила со мислење со резерва. При последователната проверка било утврдено дека дел од препораките биле реализирани, дел биле во тек на спроведување, а една препорака останала целосно неспроведена.
Во делот „Нагласување на прашања“, ревизорите посочуваат дека државен орган повеќе од седум години не вратил позајмен мазут, како и дека нафтени деривати од задолжителните резерви трајно се издавале по владини одлуки донесени во услови на прогласена кризна состојба.
Ревизијата укажува и на слабости во законската рамка, меѓу кои немање утврдена методологија за усогласување на вредноста на залихите, неусогласеност околу надлежностите за донесување подзаконски акти меѓу Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како и нерешено прашање за мандатот на директорот и постапката за именување вршител на должност во Агенцијата.
Дополнително, ревизорите констатирале дека во Агенцијата не е воспоставена внатрешна ревизија, што, според ДЗР, претставува слабост во системот на внатрешни контроли.
Од Државниот завод за ревизија информираат дека на Нацрт-извештајот не биле доставени забелешки од страна на ревидираниот субјект.






