Е, па, добро, ќе се гушкаме со Србите, Албанците и Грците!

Некако вообичаено, изјавата на госпожа Ангела Меркел на Брдо кај Крањ треба да се земе како најверодостојно толкување на проблемот на ЕУ и на Западниот Балкан со Бугарите: „Се надевам дека проблемите ќе бидат надминати. Како што знаете, во Бугарија тоа сега не е возможно, бидејќи наскоро ќе се одржат парламентарни и претседателски избори, така што во овој контекст сега е невозможно да донесете брзи одлуки.“

Во оваа изјава имате сѐ: европската надеж, бугарските домашни перипетии, неможноста за решение на спорот.

Тоа е тоа. Откако ја „покоривме“ целата друга ЕУ, со Бугарите, и покрај општите европски надежи, нема да има „брзи одлуки“. Тешко ќе има и спори одлуки, бидејќи уште Меркел недоизлезена од вратата на салата на Брдо, каде што со Макрон и другите се обидуваа да го убедат Радев дека неговата држава води ирационална политика во однос на својот западен сосед, бугарскиот претседател испорача такви барања до Македонија, што за нивното исполнување би требало да го вратиме тркалото на историјата барем седумдесетина години наназад, плус да ангажираме и едно стотина илјади „оригинални“ Бугари кои овдека би ги попишале како Македонци. Бидејќи, овие на кои Бугарите им дадоа пасоши, како што стојат работите, не сакаат да се попишат како Бугари. Срам да им е.

Истовремено, од Атина, на крајот на својата дводневна официјална посета, поздрави испрати македонскиот претседател Пендаровски кој оцени дека „билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција влегуваат во еден нормален тек“. Претпоставувам дека и ова ќе биде провокација за Софија, оти тамошната политичка елита сѐ уште е во шок од Преспанскиот договор.

Кога го потпишуваа Договорот за добрососедска соработка со нас, Бугарите си мислеа дека меѓу Скопје и Атина никогаш нема да се постигне решение, со што Грците ќе продолжат да бидат главните виновници за евро-атлантската блокада и на нас и на Западниот Балкан, а дека во Софија ќе се продолжи со индустриско „штанцање“ пасоши за Македонците, па кога таа бројка ќе стигне до еден милион овдешни државјани, само ќе биде техничко прашање кога ќе се извадат бугарските знамиња по овдешните бандери и, веројатно, ќе ги обновиме разговорите за поделба на земјата со нашите сограѓани, етнички Албанци. Стара, всушност најстара балканска националистичка приказна.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close