Ќе се предадам ама да одам во куќен притвор. Мијалков телефонски и дал предлог на Русковска

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, во синоќешното гостување во поткастот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), откри како течело предавањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, лани во февруари, кога тој исчезна во пресрет на изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет Тврдина“

Сашо Мијалков (фото: МИА) / Вилма Русковска (фото: Принтскрин/ИРЛ)

 

„Вака течеа работите. Јас бев во канцеларија и ми ѕвони телефонот, гледам Сашо Мијалков и се збунив. Видете, ние се знаеме од 2007, соработувавме бидејќи тој беше директор – соработувавме и со директорот на БЈБ и со директорот на УБК, имав телефони и од едниот и од другиот. Се јавив, прво мислев дека некој се шегува нешто“,почна да раскажува Русковска во синоќешното гостување во ИРЛ.

Понатаму, таа го пренесе и разговорот што го водела со Мијалков, кој според нејзиното раскажување, течел вака:

Мијалков: Обвинителке Сашо овде.

Русковска: Каде си?

Мијалков: Тука сум.

Русковска: Па не си.

Мијалков: Јас сакам, слушнав дека ме бараат сакам да се предадам кај вас.

Русковска: Добро дојди, кажи му на тој што ти е бранител нека дојде и те чекаме.

По разговорот со ексдиректорот на УБК, обвинителката вели дека телефонски го побарала нејзиниот шеф, републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Тој првично не ѝ одговорил бидејќи бил на тогашниот итен состанок што беше свикан во Владата од поранешниот премиер Зоран Заев токму за бегството на Мијалков.

Потоа, обвинителот ја побарал Русковска, која му кажала за разговорот со Мијалков при што откри и дека бившиот шеф на УБК поставил и услов за да се предаде.

„Му кажав (на Љубомир Јовески) дека ми се јавил Сашо Милајков и дека сака да се предаде во ОЈО ГОКК. И така и се случи. Истражителите што се во обвинителството го чекаа долу. Јас воопшто не се видов со него затоа што обезбедивме просторија на вториот кат и тука се чекаше решението од судот за куќен притвор кој беше услов на Сашо Мијалков – да се предаде и да оди во куќен притвор. Првиот пат му реков јас морам да разговарам со републичкиот обвинител, јас таа одлука не можам сама да ја донесам. И кога ми се јави републичкиот обвинител јас му кажав дека Сашо сака да се предаде и дека услов е да биде во куќен притвор. Републичкиот обвинител се согласи со тоа“,тврди Русковска.

Во меѓувреме, во ОЈО ГОКК дошол и адвокатот на Мијалков на кого обвинителката му кажала дека и Јовески се согласува тој да се предаде и да оди во куќен притвор.

„Тој (адвокатот) контактираше со Сашо и му кажа дека републичкиот обвинител се согласил. Така што, јас дента со Сашо воопшто не се видов, тој беше на вториот кат, во некоја просторија со неговиот бранител и истражителите“,раскажа Русковска.

Пресудата за „Таргет-Тврдина“ која се однесува на масовното прислушување во земјава, беше изречена на 26 февруари 2021 година. Мијалков доби 12 години затвор за кривичните дела за кои беше обвинет: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание.

Оваа пресуда сè уште не е правосилна бидејќи се очекува одлука за жалбите да донесе Апелацискиот суд во Скопје. Во овој суд јавна седница за пресудата се одржа уште во март годинава, но одлука сè уште нема. Во меѓувреме, на Мијалков му застаре делото примање награда за противзаконито влијание.

Во пресрет на тогашното изрекување на пресудата, трагата за Мијалков се изгуби вечерта на 21 февруари 2021 година, а веќе наредниот ден беше распишана и меѓународна потерница. Според тогашните информации од обвинителството, ноќта на 20 февруари ОЈО ГОКК ги добило првите индиции дека се подготвува бегство, а веќе наредниот ден беше побаран притвор. Тој 21 февруари, Мијалков дента беше виден во кафе бар кај хотелот „Мериот“, меѓутоа после тоа му се губи секаква трага.

Ексшефот на УБК сам се предаде на 23 февруари 2021 година и тогаш имаше кратка изјава за ТВ 24 во која тврдеше дека воопшто не го напуштил Скопје, ама не знаел дека е распишана потерница по него, затоа што имал 40 степени температура.

Back to top button
Close