Едно пиво или ракија – што е добро за здравјето?

Светската здравствена организација (СЗО) и Германското здружение за исхрана се едногласни: тие препорачуваат воопшто да не се пие алкохол. Тврдат дека не постои безопасна количина на алкохол.

Долго време, дури и некои научници веруваа дека умереното консумирање алкохол може да биде добро за здравјето и да заштити од срцев удар и мозочен удар или дијабетес тип 2. Тим Стоквел, поранешен директор на Канадскиот институт за истражување на употреба на супстанции на Универзитетот во Викторија, тврди дека причината за таквите тврдења лежи пред се во начинот на кој се спроведени овие студии.

 

Широко распространет алкохолизам во Германија

Повеќе од 1,4 милиони луѓе во Германија добиваат медицински третман поради зависност од алкохол. Ова произлегува од анализата на Институтот за истражување на здравствениот систем на осигурителната компанија „Бармер“.

Во анализата користени се податоците на осигуреници кои добиле потврдена дијагноза „Ментални и пореметувања во однесувањето предизвикани од алкохол“ во 2023 година. Овие податоци се пренесени на вкупното население, што ја прави студијата репрезентативна.

Вкупниот број на заболени во 2023 година е нешто помал во однос на претходната година (1,5 милиони). Лицата кои не добиле дијагноза не биле вклучени во истражувањето.

„Вистинскиот број на погодени луѓе ќе биде значително поголем“, рече извршниот директор на „Бармер“, Кристоф Штрауб. „Време е да се посвети поголемо внимание на оваа тема во здравствената превенција“.

Според податоците, повеќе од две третини од пациентите биле мажи. Најпогодена група биле лицата на возраст од 55 до 64 години. Во таа возрасна група, во 2023 година, на околу 293.000 мажи и 114.000 жени им била дијагностицирана зависност од алкохол.

 

Нееднакви групи

Дури и кај младите постои разлика меѓу групите кои умерено консумираат алкохол и оние кои воопшто не пијат, што се однесува до нивните услови за живот. Ова го утврдиле Тим Стоквел и неговите колеги во компаративна студија.

На пример, младите кои пијат една чаша вино или пиво дневно имаат, во просек, повисоки приходи, подобар пристап до здравствена заштита, помала попреченост и подобро образование. Сите овие се фактори кои придонесуваат за целокупното здравје.

Луѓето кои се со подобро здравје и повремено пијат алкохол не се поздрави поради тоа што консумираат алкохол. Чашата алкохол што понекогаш ја пијат не е причина за нивната подобра здравствена слика.

 

Лажни резултати кај постарите лица

Во однос на постарите лица, резултатите од истражувањето честопати се уште попогрешни. Имено, луѓето со хронични заболувања често целосно се откажуваат од алкохолот. Во групата на апстиненти често имало луѓе кои се разболеле токму поради претходното прекумерно консумирање алкохол, а сега веќе не пијат.

На прв поглед, умерените алкохоличари изгледаат поздрави благодарение на повременото пиење вино или шампањ, но вистината лежи во отсуството на основни болести кај нив, а не во алкохолот.

 

 

 

Научни грешки

Тим Стоквел наведува дека научниците често не ги земаат предвид таканаречените збунувачки фактори во нивното истражување. Причината е што тие не можат лесно да се изолираат од резултатите.

„Мислам дека скоро секогаш станува збор за ненамерни грешки. Сепак, верувам дека некогаш научниците прават такви грешки и потоа се задоволни со резултатите“, вели Стоквел.

Освен тоа, голем интерес за ваквите резултати покажуваат и медиумите. Покрај тоа, некои научници добиваат финансиска поддршка од индустријата за алкохол, која е заинтересирана за повеќе позитивни податоци.

Трендови кај младите

И покрај митот за позитивното дејство на алкохолот, во Германија постои тренд на откажување од алкохол кај младите луѓе околу 15 години.

„Сув јануари“, односно целосна апстиненција од конзумирање алкохол во текот на јануари, станува сè попопуларен и кај помладите генерации. Четири недели без алкохол веќе може да има позитивен ефект.

Сепак, психијатарот Стефан Гутвински од берлинската болница Шарите, кој ја предводи работната група за психоактивни супстанци, не верува дека трендот ќе потрае, особено во Германија.

„Иако севкупното консумирање алкохол опаѓа, таканареченото „опивање на екс“ , односно повремено прекумерно консумирање алкохол, дури е во пораст“.

 

Дел од културата

Гутвински истакнува дека алкохолот е составен дел од германското општество: „Превенцијата кај младите е сè уште неопходна, но не со цел целосна апстиненција. Тоа, според мене, е нереална цел. Нашето население живее со алкохол. Важно е да се промовира одговорен однос кон него“.

Дополнително, неопходно е да се обезбеди лесен пристап до услугите за лекување на зависности, што е област во која германскиот здравствен систем работи добро.

„Германија има многу добро развиен систем за поддршка на зависности. На тој простор сме во ’Лигата на шампионите’“, заклучува Гутвински. (Dw)

Back to top button
Close