ЕК ќе преземе чекори против Полска поради законот за испитување на руското влијание
Европската комисија денеска соопшти дека ќе ги преземе првите чекори против Полска поради законот за испитување на руското влијание, кој, според критичарите, може да доведе до забрана за дејствување на опозициските политичари.
Комисијата соопшти дека утре ќе биде испратено официјално известување за ова до полските власти.
Од друга страна, полскиот министер за ЕУ Шимон Шинковски рече дека целта на законот е да се ограничи влијанието на Русија во Полска и Европа и оти демократските држави и институции треба да го поддржат.
– Мирно ќе ги предадеме правните аргументи кога ќе дознаеме какви се стравувањата на Европската комисија, рече Шинковски.
Одлуката на полскиот претседател Анджеј Дуда да го потпише законот ја зголеми загриженоста во Брисел и кај опозицијата во Полска поради, како што се наведува, назадувањето на демократијата во најголемата источна членка на Европската унија.
Дуда предложи и амандмани со кои рече дека се отстранети одредбите со кои се дозволува на поединци да им се забрани извршување должност, но рече дека парламентот допрва треба да расправа за нив.
Американската Влада, исто така, изрази загриженост во врска со законот, согласно кој ќе се формира комисија за испитување на влијанието на Русија врз креирањето политики меѓу 2007 и 2022 година. Либералната ПО (Граѓанска платформа), која беше во владата од 2007 до 2015 година, тврди дека законот е осмислен за да ја уништи поддршката за лидерот на Граѓанската платформа и поранешен премиер Доналд Туск