ЕК ги отфрли критиките на Кина за индустрискиот закон, актот е во согласност со меѓународното право, заснован на реципроцитет
Европската комисија (ЕК) денеска ги отфрли критиките на Народна Република Кина на сметка на законот „Произведено во Европа“ дека ги дискриминира нејзините компании, со оценка дека тој е во согласност со меѓународното право, истакнувајќи дека мерката се заснова на принципот на реципроцитет.
Како што пренесува Еурактив, портпаролот на ЕК истакна дека Европската Унија е еден од најотворените пазари во светот и очекува заемна отвореност. Друг портпарол на Комисијата наведе дека предлозите на ЕУ се „внимателно калибрирани“ со цел да се остварат економските и пошироките цели за граѓаните и стопанството, со нагласок дека Брисел ги презема сите чекори за законот да биде усогласен со правилата на Светската трговска организација. Тој додаде дека ЕУ е подготвена на дијалог со глобалните партнери и размена на ставови за своите политики.
Законот, формално наречен Акт за индустриско забрзување (ИАА), кој Европската комисија го претстави во март, го ограничува пристапот на компаниите надвор од ЕУ до субвенции и јавни тендери во низа индустриски сектори и сектори на зелена технологија во кои доминираат кинеските фирми.
Реакцијата на Брисел следуваше откако кинеското Министерство за трговија претходно денеска го осуди ИАА, со тврдење дека законот ги прекршува правилата на Светската трговска организација и претставува дискриминација на кинеските компании.






