ЕК: Во контактите со САД го повторуваме нашиот став за Украина, нема најави за средба на Калас со Рубио
Европската Унија во сите контакти со американските претставници јасно повторува дека во интерес на Украина, на Европа и во крајна линија и на САД е зајакнување на позицијата на Киев пред да започнат какви било мировни преговори, порача денеска Европската комисија во коментар за ставот на ЕУ во пресрет на утрешната средба на американски и украински претставници во Саудиска Арабија.
Портпаролката на Еврокомисијата комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер изјави дека ЕУ „не навлегува во спецификите на оваа билатерална средба“, додавајќи дека Унијата јасно ја искажува својата поддршка за Украина и е најголем донатор на воената помош за земјата, подеднакво колку и САД.
– Нашата позиција е да ја зајакнеме позицијата на Украина со сите потребни средства и да го сториме тоа согласно потребите на Украина. Да ја доведуваме Украина во посилна позиција на бојното поле, за да може да биде силна и на преговарачката маса, додаде Хипер.
Според неа, никој не сака праведен и траен мир повеќе од Украинците и ЕУ се надева дека ќе придонесе тој да се обезбеди и очекува сите нејзини партнери да вложат напори за поддршка на Украина.
На прашање дали се предвидени средби на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас со американски претставници и конкретно со државниот секретар Марко Рубио за време на нејзината претстојна посета на северноамериканскиот континент, Хипер одговори дека таа ќе утре ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН и ќе има средба до генералниот секретар на Светската организација, Антонио Гутереш, по што ќе отпатува за Квебек на состанок на Г7 во среда и четврток.
– Доколку има други дополнителни детали за средби со нашите американски партнери, ќе ве известам, додаде Хипер.