Емилија и Марта

Министерка за дигитална трансформација во новата словенечка Влада ќе биде Виолета Стојменова Дух, која од Виница се преселила во Марибор во 2002 година за да ја дозаврши математичката гимназија.

Директорка на тимот за реформи на јавната администрациија во Кабинетиот на премиерката на Србија Ана Брнабиќ е Марта Арсовска-Томовска, поранешна македонска министерка за информатичко општество и јавна администрација.

Две електроинженерки од Македонија ќе работат на дигитализација на јавните служби на две држави од регионот. Повеќе дигитализација, поефикасна администрација. Повеќе дигитализација, поголема транспарентност. Повеќе дигитализација, помала администрација. Повеќе дигитализација, помала корупција.

А нам тука државни служби уште ни бараат печат на уплатница заверен во банка. Ќе завршиш работа онлајн и ќе се изначекаш на шалтер да им заврши паузата за да го завршиш веќе завршеното. А сега ќе чекаме и штрајкот на службениците од матичните книги да им заврши, оти ќе се радикализирале. Тие што за една година издале повеќе од 20.000 документи со погрешни лични податоци.

Којзнае уште колку стотици и илјадници Виолети и Марти си заминале да ги подобруваат условите за живот на граѓаните на други земји. Да останеле тука, не само што немало да им биде дозволено да направат дигитализиран систем кој би го намалил и бројот на административци, би ја намалил можноста за грешка и би ја намалил корупција „лице в лице“, туку и сега би си го губеле времето заедно со нас во некој непроветрен ходник понизно чекајќи пред заклучена врата на која пишува: „Одма се враќам“.

Словенија си ја има Виолета, Србија си ја има Марта, а ние си ја избравме Данела. Секој си бира според потребите.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.мк

Back to top button
Close