ЕУ на 90 дена го паузира одговорот на царините на Трамп
Европската комисија одлучи да ги паузира контрамерките против американските царини за алуминиум и челик на 90 дена, откако американскиот претседател Доналд Трамп во средата одлучи да ја запре примената на реципрочните царини, исто така за 90 дена.

„Додека го финализираме усвојувањето на контрамерките на ЕУ кои добија силна поддршка од земјите-членки, ќе ги ставиме во мирување 90 дена“, објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Сакаме да им дадеме шанса на преговорите. Доколку преговорите не бидат задоволителни, нашите контрамерки ќе стапат на сила“, истакнува Фон дер Лајен.
Таа додава дека работата на дополнителни контрамерки продолжува и дека „сите опции остануваат на маса“.
Земјите-членки на ЕУ во средата го одобрија предлогот на Европската комисија за воведување трговски контрамерки на американските царини за алуминиум и челик.