ЕУ очекува одлуките на Меѓународниот суд на правдата за Израел веднаш да бидат целосно спроведени

Европската унија денеска соопшти дека очекува веднаш, целосно и ефективно да се применат одлуките на Меѓународниот суд на правдата, кој нареди шест привремени мерки за заштита на Палестинците во Појасот Газа во процесот по тужбата од Јужна Африка против Израел за геноцид.

Европската комисија и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во заедничка изјава наведоа дека ЕУ „ја потврдува својата континуирана поддршка за Меѓународниот суд на правдата, главното судско тело на Обединетите нации“.

„Наредбите на Меѓународниот суд на правдата се обврзувачки за сите страни и тие мора да ги почитуваат. Европската унија очекува нивно целосно, итно и ефективно спроведување. Правото на секоја страна да поднесе аргументи во однос на јурисдикцијата, допуштеноста или основаноста останува незасегнато од денешната одлука за барањето на Јужна Африка за индикација на привремени мерки“ се вели во изјавата

Меѓународниот суд на правдата, највисокиот суд на Обединетите нации, денеска одлучи да не го отфрли тужбеното барање на Јужна Африка против Израел за геноцид. Судот не нареди прекин на огнот во Појасот Газа, туку, меѓу другото, побара Израел да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот врз Палестинците во малата енклава.

Back to top button
Close