ЕУ се подготвува за војна со Русија, Вашингтон предлага мир до Велигден
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска порача дека „Европа мора да се подготви за војна“ со Русија, додека американски медиуми пишуваат дека Вашингтон сака Москва и Киев да склучат мир и да ја прекинат војната во Украина до Велигден, 20 април.
Францускиот весник „Фигаро“ оценува дека доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа и верувањето дека САД ќе ги намалат своите воени сили за безбедност во Европа „предизвика паника и стампедо меѓу членките на ЕУ, како лисица да упадне во кокошарник“.
„Европските партнери задоцнето сфатија колку се ранливи на руската закана“, наведува „Фигаро“.
Земјите-членки на ЕУ, освен Унгарија, го поддржаа планот на ЕК за зајакнување на европската одбрана со инвестирање стотици милијарди евра, но се уште се видливи разликите во оценките на партнерите од ЕУ за тоа дали заканата од војна со Русија е реална.
Европските партнери се исто така силно поделени околу тоа дали тие милијарди евра треба да се соберат преку задолжување на државата.
Стив Виткоф, посредникот на Белата куќа во преговорите со Киев и Москва, сепак, изјави дека „верува дека Путин не сака да освои друг дел од Европа…или да ја преземе цела Украина“.
Американскиот претседател Доналд Трамп е уверен во договор со Путин за мирно решение за Украина и отворање нови големи можности за економски потфати.
Меѓутоа, во дискусијата за војната во Украина во Данската воена академија, претседателката на ЕК нагласи дека Европа мора да се вооружи и дека граѓаните на ЕУ, со оглед на заканата од војна, мора да си ги обезбедат и потребните залихи за самостојно да преживеат најмалку 72 часа без помош.
Со шефицата на ЕК се согласува и со шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски, кој предупреди дека Полска и Европа мора да бидат подготвени за евентуален напад од Русија.
Американската агенција „Блумберг“ и „Волстрит џурнал“ пишуваат дека Белата куќа сака и планира да воспостави прекин на огнот во војната меѓу Москва и Киев до Велигден.