ЕУРО2020 се игра во 11 европски градови, македонските фудбалери во Букурешт и Амстердам

Претстојното ЕУРО2020 ќе биде прво во историјата што ќе се одржи во 11 градови во исто толку земји на Стариот континент, а домаќини на натпреварите на македoнската фудбалска репрезентација ќе бидат Букурешт и Амстердам.

Македонскиот состав својот дебитантски настап на големата сцена ќе го има на 13 јуни против Австрија во романската престолнина, а четири денови подоцна „црвено – жолтите“ во Букурешт ќе играат против Украина.

Двата натпревари започнуваат во 18 часот на Националната арена со капацитет од 55.600 седишта, а поради епидемиолошките мерки поврзани со Ковид-19, максималната исполнетост на стадионот ќе биде 25 отсто, или околу 13.000 гледачи

Завршниот натпревар во рамки на групата Ц, македонскиот состав ќе го игра на 21 јуни во Амстердам против Холандија. Арената „Јохан Кројф“ е со капацитет од 54.990 седишта, а на стадионот ќе биде дозволено присуство на околу 12.000 гледачи.

Градови домаќини на ЕУРО2020 се и Баку, Будимпешта, Копенхаген, Глазгов, Лондон, Минхен, Рим, Санкт Петерсбург и Севиља.

Back to top button
Close