Еуростандард банка жртва на криминал и корупција
Почитувани читатели, за денешнава колумна, вообичаено посветена на Еуростандард банка, ќе се потрудам да ви ја доловам мојата лична перцепција за германскиот Бундестаг, кој деновиве изгласа декларација за поддршка на македонскиот јазик, идентитет и култура, а поврзани со условното отварање на Уставот на Република Македонија, каде Бугарите треба да влезат како посебно малцинство во Република Македонија. Влегувањето на Бугарите во Уставот на Република Македонија е услов за отпочнување преговори за идно членство на Македонија во ЕУ. Најнапред, оваа декларација на германскиот Бундестаг нема никакво значење во институциите на ЕУ и членките држави во неа. Длабоко ги изанализирав партиите кои не застанаа зад оваа декларација во гермаскиот Бундестаг. Посебно ме заинтригира изјавата на крајно десничарската партија АФД и нивниот пратеник Маркус Фронмајер кој изрази став дека земјите од Западен Балкан не треба да бидат примени во ЕУ, бидејќи во овие земји меѓу кои и Македонија, владее криминал, корупција и сиромаштија. После вакви неговите изјави, на ЕУ не ѝ требаат социјално загрозени држави, каде би служела за помагање, како Црвен крст.

Почитувани читатели, ова е вистинската дијагноза за целиот регион вклучително и Македонија. Фактите кои се пишувани во моите неделни колумни, изминатите речиси 3 години, се непобитен доказ дека Еуростандард банка е уништена со умисла, поради неказнив криминал и корупција. Во реализацијата на ова безумно носење во стечај на Еуростандард банка, учествуваат директно или индиректно следните институции.
1. Народна банка на чело со Гувернерот Анита Бежоска и нејзиниот тим.
2. Техничка Влада на Република Македонија во периодот 2020 година, на чело со Премиерот Оливер Спасовски и неговиот тим
3. Собрание на Република Македонија, на чело со првиот човек Талат Џафери и сите членови пратеници кои работат во Собраниската Комисија за буџет и финансирање.
4. Обвинителство на Република Македонија на чело со првиот Јавен Обвинител Љубомир Јовески и негови блиски соработници.
Јавноста мора да знае дека ставот на германскиот пратеник Маркус Фронмајер во Бундестагот, од крајно десничарската партија АФД, силно е присутен во нашиот секојдневен живот. Криминалот и корупцијата се единствените чинители кои го уништуваат стопанскиот развој на Македонија, а земја која не е стопански развиена и згора на тоа го кочи сопствениот стопански развој, осудена е на сиромаштија. Почитувани читатели, јас во Македонија загубив многу. Во Македонија инвестирав свеж и чист капитал. Дали може да го разберете фактот дека овој капитал веќе го нема, а бидете убедени дека се работи за мошне сериозни бројки? Тоа е цифра од речиси 100 милиони евра, а со тој капитал покрај мене и моето семејство загрозени се и оштетени уште илјадници правни и физички лица. Би сакал да разберете дека тој свеж капитал од 100 милиони евра денес го нема во Македонија, украден е од поединци и институции. Општество во кое криминалците владеат во сопствената држава, посегнува по сопствените деца, по сопствениот народ.
Капиталот го внесов со цел да дадам придонес во стопанскиот развој на Република Македонија. За жал, наместо тој капитал да се искористи во бизниси кои ќе донесоа благосостојба и нови вработувања, сѐ со цел да се подигање стандардот на граѓаните , во случајов се случи спротивното.
Сакам да потенцирам дека со одењето на Еуростандард банка во стечај, на коленици се фрлени и Македонски пошти, кои денес едвај врзуваат крај со крај во своето работење. Македонски пошти од гигант во оваа сфера на бизнис, се претвори во институција за потсмев.
Ако сакаме да градиме вистинско општество мора изјавата на Господинот Маркус Фронмајер да ја разбереме најдобронамерно, а не како навреда.
Плевелот во нивите се чисти од корен. Идентичен приод мораме да направиме и во искоренувањето на криминалот и корупцијата. Тоа е рак- рана на секое општество.
Во моите јавни настапи поврзани со актуелната состојба во Република Македонија секогаш ги потенцирам овие две длабоко вкоренети во нашето секојдневие аномалии, криминал и корупција.
Време е сите ние граѓаните на Република Македонија да се вклучиме во отворена борба, ама овој пат не со флоскули, туку со дела. Во спротивно криминалот и корупцијата ќе продолжи да си ги јаде своите чеда. Вчера бев јас, денес ќе биде друг и тоа ќе трае сѐ додека самите себе не се изедеме одвнатре. Така осиромашени, никој нема да нѐ сака во светот. Излез постои. Потребни ни се чесни, храбри и образовани луѓе, а нѐ има такви. Останува времето да покаже.
Трифун Костовски






