„Европски фронт“ поднесе интерпелации за Меџити, Стоилковиќ, Тошковски и Исени


Интерпелации за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени поднесоа денеска од пратеничката група на „Европскиот фронт“.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети, денеска на прес-конференција рече дека интерпелацијата ја поднесуваат за работата на четворица членови на Владата, за кои рече се без етнички легитимитет.

За вицепремиерот Меџити, Беџети рече дека е одговорен за лошото управување со состојбите кои се случуваат во државата, вклучително и меѓуетничките односи.

„Наместо да дејствува како гарант на меѓуетничкиот мир и интеграција, тој не успеа да ги заштити интересите на албанската заедница и да придонесе за зачувување на социјалната и меѓуетничката хармонија. Напротив, толерираше дискриминација, селективна правда од страна на надлежните органи и молчеше за повторените неправди што ги трпи оваа заедница“,рече Беџети.

Во образложението што го даде Беџети за поднесената интерпелација за министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик Исени, рече дека тие на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.

„Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на мир и меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да ги почитува правата на граѓаните да го прослават овој ден, поттикна конфронтации и ескалација на тензии. Ова неменаџирање на ситуацијата настана поради неспособноста и непрофесионалноста на министерот за внатрешни работи и неговиот заменик“,рече Беџети.

Според него, не е уапсено лицето кое запалило албанско знаме.

Интерпелацијата, пак, за вицепремиерот Иван Стоилковиќ, Беџети рече дека ја поднесуваат поради неговото непостапување и неизјаснување во врска со вчерашните настани во Куманово, кога изгореа неколку возила и продавница на Албанци. Стоилковиќ, во својство на вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, вели Беџети, не успеал да ја почитува и спроведе официјалната употреба на албанскиот јазик.
Освен за интерпелациите, Беџети денеска информираше и дека пратеничката група на „Европскиот фронт“ поднеле барање на наредната седница на дневен ред да биде ставена информација за безбедносната состојба во земјата.

Тие бараат, како што рече Беџети, информации за безбедносната состојба во земјата во последниот период, хронолошка детална информација за настаните во Куманово, особено во врска со палењето на деловни објекти во овој град и нападите врз имотите на граѓани од албанска етничка припадност.

Од „Европскиот фрон“ велат дека бараат информација за спроведените мерки и истраги за расветлување на случаите имајќи го предвид нивното можно влијание врз меѓуетничките односи, во врска со настаните на кои се случија со палења на знамиња.

Пратениците од „Европскиот фронт“ бараат и одговори за протоколи во случаи на селективно постапување од страна на службени лица од МВР, како и за предвидените механизми за надзор врз работата на безбедносните служби особено во вакви сензитивни ситуации, отчетност за преземените но и непреземените мерки.

Според Беџети, деновиве Владата создава клима на тензии, недоверба и нетрпеливост меѓу етничките заедници во државата и оти намерата била јасна, а тоа е да се обвинат Албанците за дестабилизација на државата.

Беџети изјави дека дестабилизирана Северна Македонија е во директен интерес на Русија, која сака да ја поткопа стабилноста на Западен Балкан и да ги запре интегративните процеси на ЕУ.

Back to top button
Close