Филипче: Буџетот е пред колапс, власта на Мицкоски предизвика економска катастрофа

Буџетот е пред колапс и нема пари за повисоки плати, пензии и антикризни мерки, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во партиското седиште. Оценувајќи ја состојбата во економијата како сериозно влошена, тој ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски дека не успеала да обезбеди подобар животен стандард за граѓаните.

„Со Мицкоски на власт се случува економска катастрофа. Нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра, а ги нема ниту за земјоделците. Не само што нема зголемување на субвенциите, туку има намалување, а замислете, дел од земјоделците треба да вратат веќе исплатени субвенции за 2024 година“, кажа тој.

Лидерот на опозицијата предупреди дека граѓаните се оставени без соодветна заштита во услови на економска криза и растечки трошоци за живот, обвинувајќи ја извршната власт за задоцнети реакции и манипулации. Тој посочи дека синдикалната кошничка достигнала речиси 69 000 денари, сума која не може да се покрие ниту со три минимални плати, а дополнително, Филипче ја обвини Владата дека намерно ги крати продуктите кои влегуваат во пресметката на кошничката за да прикаже помали трошоци.

 

Според податоците што ги изнесе, околу 160 000 работници земаат плата до 30 000 денари, што е апсолутно недоволно за надминување на прагот на сиромаштијата во едно просечно работничко семејство.

„Сиромаштијата расте. Стапката достигна 27,9 отсто во првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Инфлацијата достигна 5,7 отсто, додека во еврозоната е околу 3 отсто. Новите поскапувања на горивата доведоа сè друго да поскапи“, рече претседателот на СДСМ.

Филипче рече и оти буџетот е пред колапс, а Владата е фокусирана да најде нови извори за задолжување бидејќи јавниот долг е зголемен за само две години, а новиот геренериран долг изнесува 2,5 милијарди евра.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close