Филипче: Ќе се декласифицираат документите за набавка на кинеските вакцини
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) вчера објави дека е при крај со предметот за набавката на вакцините против ковид-19 и има информации, но тие сѐ уште не се целосни
Го разгледуваме начинот за декласификација на документите за набавка на кинеските вакцини и во соодветна процедура тоа ќе се обзнани, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Мој впечаток во овие повеќе недели се две работи: дека опозицијата сама себе се фати во лага и дека се патолошки зависни од лажни вести“, рече Филипче на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се декласифицираат документите за набавка на вакцините од „Синофарм“ за да се даде одговор на прашањата во јавноста што ги покрена опозицијата дека имало провизии.
Филипче посочи дека сите документи се објавени на платформата „Јавни финансии“ и дека опозицијата користи со клевети, кои, како што рече, не се конструктивни и целта им е да го поткопаат легитимитетот на државата пред Кина и меѓународните фактори.
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) вчера објави дека е при крај со предметот за набавката на вакцините против ковид-19 и има информации, но тие сѐ уште не се целосни.
Антикорупциската комисија добила од Народна банка (НБ) документ за извршена исплата на седум милиони и 800 илјади долари за увоз на стока, односно Министерството за здравство средствата ги има исплатено на 15 февруари, а НБ ги има реализирано во корист на „Стабри интернешнл“ од Хонгконг.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ завчера објави документ според кој Министерството за здравство ѝ платило 7 800 000 американски долари на посредничката фирма „Стабри интернешнл“ од Хонгконг за набавка на вакцини против ковид-19 од Кина, како продолжение на случајот што го отвори италијанскиот весник „Ла Верита“, исплатата е извршена на 15 февруари 2021 година.