Филипче со детали: Предложивме намалување на ДДВ на струја, намалување на ДДВ на основните прехранбени производи, замрзнување на цените…

Задоцнети се мерките за ограничување на маржите и предвремено најавени, што остава простор за трговците да се прилагодат, оцени денеска лидерот на СДСМ Венко Филипче, најавувајќи седум предлог мерки.

Ограничувањето на маржите како единствена мерка, според Филипче, нема да даде ефект.

– Предлагаме намалување на ДДВ на струја од 18 на 5 проценти, намалување на ДДВ на основните прехранбени производи, замрзнување на цените на основните прехранбени производи во следните три месеци, фиксирање на маржите на основните прехранбени производи, итно имплементирање на Законот за нефер трговски практики, намалување на цената на зелениот картон за автомобили и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонеси, изјави Филипче.

Сето ова, како што посочи, ќе го олесни животот и намали притисокот на граѓаните.

– Сведоци сме на значајно влошување на економска состојба и стандардот на граѓаните. Практично нема нешто што не е поскапено, а гледаме дека Владата не прави ништо, ниту пак има план и стратегија, изјави Филипче.

Денеска, Владата на итна сендица се очекува да ја разгледа Предлог-одлуката подготвена од Министерството за економија за ограничување на маржите. Одлуката е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат кој покажа дека кај трговците на мало имало над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.

Back to top button
Close