Филипче: Засега не е планиран скрининг на матичните лекари

Матичните лекари засега не се планирани во таргетираниот скрининг на одредени критични категории на пациенти за КОВИД-19, но тие можеби ќе бидат опфатени подоцна, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

– Матичните лекари не беа планирани во скринингот, затоа што, по градинките и вработените во ЈСП и други кои имаат контакт со многу луѓе, сега направивме и многу анализи и тестирање во јавно здравствените установи каде што персоналот имаше контакт со пациенти, изјави Филипче, кој рече дека матичните лекари ќе бидат опфатени со скринингот подоцна.

Во однос на тоа дали е почната постапка против матични лекари кои не веруваат во вирусот и не ги упатуваат граѓаните на лекување, според информација на Лекарската комора, и дали од хоспитализираните има нивен пациент, министерот Филипче рече дека има пациенти, кои многу доцна се јавуваат во болница и тоа го покажала анализата на смртност.

– Над 30 проценти од смртните случаи се од првиот до петтиот ден од хоспитализацијата, што е доказ дека пациентите, за жал многу доцна доаѓаат во болница. Многу е тешко да се утврди причината. Ние матичните лекари сакавме да ги вклучиме во работата на епидемиолозите, во смисла на помош за полесен пристап кон пациентите, заради тоа што тие многу полесно пристапуваат до нив. Но, сепак, заклучивме дека е добро епидемиолозите да бидат поддржани од здравствени лица од Институтот во Скопје, заради тоа што тие имаат поспецифичен пристап од епидемиолошки аспект и повторно да не се соочиме со тој отпор којшто еве го детектираат матичните лекари кај своите пациенти, како што регистрираше и Лекарската комора, рече Филипче.

Тој рече дека сè уште не знае каква постапка ќе биде поведена кон тие матични лекари и дека ќе разговараат со нив.

– Сега сме целосно посветени на работата на епидемиолозите и пациентите кои се симптоматични, рече Филипче.

И во однос на термините за тестирање, за што се чека три дена, Филипче рече дека ако има индикации за итност може да се интервенира и кај матичниот лекар и да се направи контакт со епидемиологот.

– Доколку некој е итен случај нека се јави и во болница, никогаш нема да биде ниту одбиен, ниту вратен. Ќе се пристапи така како што треба согласно индикацијата за тестирање, потенцира министерот за здравство.

Back to top button
Close