Филмот и сеќавањето на детството – „Амаркорд“ на Федерико Фелини

Сестрата на Федерико Фелини, прочуениот италијански филмски режисер, раскажува дека тој секогаш доаѓал во родниот град Римини небаре скришно, во ноќта. А наместо да ѕвони, ги будел роднините фрлајќи камчиња врз прозорецот. Оваа слика за оној што се враќа дома, во родниот град во ноќта, како странец или како крадец, ме трогна. Таа разбуди во мене виор од слики. Тој што го напуштил градот во кој го поминал детството, не може никогаш повеќе да се врати во него онака како што се враќаат тие што уште имаат дом и адреса во него. Затоа што тој веќе не припаѓа на тамошното секојдневие.

Федерико Фелини, големиот сонувач и поет, го преобразил тоа сознание во ритуал. Небаре се срамел пред родниот град, затоа што се осмелил да го напушти и да се пресели во метрополата Рим, тој ја избирал скришноста на ноќта за да се врати во просторот на детството. Всушност, со тоа тој потсетува на еден друг значаен момент, поврзан со самиот чин на сеќавањето на детството. Кога се сеќаваме, ние небаре се прикрадуваме на самите себеси во изминатото време. Само кога се работи за детството, ни се чини дека изминатото време уште живее во оној простор, во кој сме го поминале.

Во филмот „Диви јагоди“ на Ингмар Бергман, старецот во една сцена се прикрадува до родната куќа, во која за него засекогаш останало живо детството, ѕиркајќи низ густата ограда од грмушки во градината. Во неа се гледа и себеси како дете, додека игра со своите сестри и браќа. Во истата слика се присутни еден до друг и старецот и малечкото дете. Таа слика ја оживува само филмот, затоа што тој е писмото на времето. Тоа прави филмот да го доживуваме како привид на животот или како „жива слика“. Магијата на филмот на Фелини или на Бергман ни покажува дека родниот град, родната куќа се менталниот простор во кој, кога сме возрасни, можеме постојано да се враќаме во скришниот чин на сеќавањето на детството. Слично го решава сеќавањето на детството во филмот „Огледало“ и Андреј Тарковски.

 

Филмот како скришно писмо на сонот

Ниту една друга уметност не е толку блиска на магијата на сонот, како што е филмот, за да може да ни создаде привид дека во него навистина го „воскреснуваме“ изминатото време. Или дека во филмот навистина стапуваме во имагинарниот простор на сонот. Фелини го преобразува филмот во скришно писмо на сонот затоа што самиот ги запишувал своите соништа кои биле „граѓата“ за неговите филмови. Секако, кај Фелини сонот најсилно доаѓа до израз во филмската структура во „Амаркорд“ (1973), кој е посветен на сеќавањето на неговото детство во Римини. Во август оваа година, во Римини беше отворен музеј во спомен на Федерико Фелини. Всушност, онака како што тој од родниот град направи имагинарна топографија на сеќавањето и на фантазијата, со што Римини стана симбол и метафора, сега градот од себеси направи музејска мапа според филмската фантазија на Фелини. Музејот е флуиден и подвижен, како филмските слики. Тој поврзува повеќе точки и простори во градот. И, секако, центарот е палатата на соништата на децата и момчињата – киното „Фулгор“, во кое малечкиот Фелини одел заедно со татка си. Тоа кино во Римини од тој миг стана симбол за сите кина во сите градови во светот, во кои едно дете за првпат ја доживеало магијата на филмот. За мене, на пример, за моето сеќавање на детството во Скопје, тоа е киното „Вардар“, во кое одевме со родителите.

Овојпат во „Амаркорд“ силно ме допре сцената со снегот. Не паметам дали во некој друг филм сум сретнала толку поетска слика како таа кај Фелини, во која снегот се доживува како чудо. Како што, впрочем, секое дете го доживува снегот. Фелини ја преобразува филмската слика на снегот во совршенство. Сиот свет станува под снегот сон и небески знак, а филмската камера е за миг волшепството кое ги остварува детските желби. Во „Амаркорд“ снегот ги преобразува и возрасните и децата, со што сликата и нарацијата се приближуваат на магијата од која се преобразува светот во бајките. Возрасните во „Амаркорд“ се во исто време и фанатстични и реалистични ликови, онака како што само детето ги доживува во своето сеќавање. Магичното писмо на Фелини прави од сликата на светот под снегот вистинска епифанија, затоа што одеднаш со снегулките на земјата долетуваат и чудни птици. Птицата која слетува на малечката пјаца е чудесно убав паун, кој под ројот снегулки ги шири своите крилја. Фелини, кој знае дека паунот е симбол за рајот, со таа магична шифра нѐ потсетува дека детството е рајот по кој возрасниот постојано копнее, а снегот е магичниот момент кој ги обединува земјата и небото.

 

Мојот омаж за Скопје

Мене при ова гледање на филмот ме трогна особениот лавиринт од белите квадрати снег. Ме потсети на една зима во Скопје, пред земјотресот, кога во една ноќ падна толку многу снег, што изутрината не можевме да ја отвориме вратата, затоа што беше блокирана од високиот снежен нанос. Паметам дека ние, децата, со страв, но и со чудна радост, чекавме родителите да го изринат снегот пред влезот во куќата, за да можеме да излеземе во дворот. А кога излеговме, бев занемена од убавината на светот под снегот. Стапнав во една слика која беше многу слична на снежниот лавиринт на италијанската пјаца во „Амаркорд“ на Фелини. И ние трчавме низ „тунелот“ што го направија возрасните во високите снежни ридови. Додека минував со трепет по тој чуден лавиринт, знаев дека никогаш нема да ја заборавам таа зима. Во тој снег имаше нешто застрашувачки исконско, од кое ми се заледуваше здивот, но истовремено и нешто толку убаво, небаре ненадејно се бев нашла во имагинарниот простор на сонот. Можеби тоа е така само во моето сеќавање, но за мене на таа зима ѝ уследи летото во кое друга, уште посилна природна катастрофа, го претвори во пепел Скопје, градот на моето детство. Тоа амбивалентно, застрашувачко и восхитувачко чувство, кое како дете го доживеав во зимата во која околу нас растеа ридови од снегот што не престануваше да паѓа со денови, подоцна го изразив со метафората за „столетниот снег“ во мојот роман „Снегот во Казабланка“. Впрочем, тој е романот на мојот омаж за Скопје, градот во кој пораснав. И јас посакував често, онака како што чинел Фелини, да дојдам некогаш во Скопје небаре скришно. Онака како што и Кафка го опишува враќањето дома во еден кус расказ. И да застанам тивко под осветлениот прозорец. Да ги гледам низ прозорецот сенките на родителите и на роднините, седнати на маса. Да ги слушам нивните тивки гласови. И да не се осмелувам да влезам! Сѐ додека трае тајната и магијата на сеќавањето, како што чувствува и Дина Аспрова во „Снегот во Казабланка“.

Кица Колбе

Извор: Дв

 

Back to top button
Close