„Finance Think“: Затворањето на економијата и ограниченото движење ја предизвикаа најголемата рецесија
– Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“ во најновиот квартален „Макроекономски монитор“ оценува дека затварањето на економијата и ограниченото движење поради ширењето на корона вирусот ја предизвикале најдлабоката рецесија во македонската економија, при што Бруто домашниот производ во вториот квартал е намален на минус 12,7 проценти.
На производната страна, како што се посочува, падот е најголем кај индустријата (-25.3 проценти) и трговијата, транспортот и угостителството (-23.4 проценти) поради ограничената меѓународна трговија и отежнатото движење, додека трговијата и угостителството страдале од наметнатото затворање и воздржаност од потрошувачка на неесенцијални добра и услуги.
На расходната страна, пад има кај извозот, увозот, инвестициите и потрошувачката, но тој е поголем кај извозот (-25.6 проценти), увозот (-31.3 проценти) и инвестициите (-29.6 проценти), додека кај потрошувачката е поблаг (-12.7 проценти).
Намалувањето на БДП, како што посочува „Finance Think“, целосно се совпаѓа со нивната проекција од 11 април. Остануваат на проекцијата дека падот на БДП годинава ќе биде -3,8, а во третиот квартал -4,7 проценти.
– Но, двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето и потенцијалното влошување на кризата предизвикана од Ковид-19. Особено, овие проекции се изградени врз претпоставките дека економијата нема повторно да се затвори при евентуален нов удар од Ковид-19 есента 2020, како и дека економските текови ќе продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на 2021, посочува „Finance Think“ .
Во однос на невработеноста во вториот квартал, од „Finance Think“ велат дека таа е зголемена на 16,7 проценти од претходните 16,2 проценти, но оти сепак растот е помал главно поради мерката за субвенционирање на плати која вкучуваше одредба за задржување на бројот на работици за време на користењето на мерката и два месеца по нејзиниот престанок.
Помеѓу двата квартала, најмногу работни места, односно 12.000 или 24.2 проценти, се изгубени во дејноста транспорт и складирање.