(ФОТО) Како да препознаете дали ви е стигната лажна порака за прекршок од „Сејф сити“: внимавајте!

И денеска се испраќаат лажни СМС пораки до граѓани во Македонија за наводни сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Сејф сити“, со цел да се украдат лични и банкарски податоци.

Пораките изгледаат како официјално известување – се наведува дека возилото е снимено за брзо возење, се додава „број на случај“ и се нуди попуст од 50 проценти ако казната се плати во рок од 24 часа. Во пораката има и линк за „детали“, кој води до сомнителна веб-страница.

Но, станува збор за измама, а има неколку јасни знаци по кои може да се препознае.

Пораките најчесто доаѓаат од странски телефонски броеви, што е прв сигнал дека не се испратени од домашна институција. Дополнително, линковите не водат до официјални државни страници, туку до адреси со необични домени како „.xyz“, кои често се користат за фишинг напади.

Во содржината се користи и тактика на притисок – краток рок за плаќање со попуст, со цел граѓаните да реагираат брзо без да проверат дали пораката е вистинита. Воедно, недостасуваат конкретни податоци за прекршокот, како точна локација, време или детални информации за возилото. Се апелира граѓаните да не кликаат на вакви линкови, да не внесуваат лични податоци и да не вршат уплати. Во случај на сомнеж, информацијата треба да се провери преку официјалните канали на надлежните институции.

Ова не е реален прекршок, туку обид за измама.

Back to top button
Close