(ФОТО+ВИДЕО) Силна експлозија на гас го потресе Најроби – најмалку тројца загинати и 300 повредени

Најмалку три лица загинале, а речиси 300 се повредени во силна експлозија на гас што доцна синоќа одекнала во главниот град на Кенија, Најроби, јавуваат светските медиуми.

Според официјални владини извори, пренесува Би-би-си, експлодирал камион кој превезувал гас. Инцидентот се случил во областа Ембакаси околу 23:30 часот според локално време, односно 20:30 часот според Гринич.

Како што изјавил портпаролот на кениската влада, експлозијата предизвикала огромна огнена топка оштетувајќи домови, деловни објекти и автомобили.

На видеата објавени на социјалните мрежи може да се види голем пожар како беснее во близина на станбените блокови каде што се случила експлозијата.

Инаку, претходно кениските власти соопштиле дека експлозијата се случила во фабрика за гас.

Причините за инцидентот сè уште се утврдуваат.

Шефот на полицијата во во Ембакаси, Весли Кимето, изјавил дека меѓу загинатите има и дете, како и дека бројот на жртвите е можно да се зголеми додека траат напорите за расчистување на местото.

Од Црвениот крст на Кенија соопштиле дека во болница се однесени 271 лице, додека на самото место лекарска помош им била дадена на уште 27 луѓе.

Огнената топка од експлозијата се раширила насекаде, рекол владиниот портпарол Исак Мваура Мваура, а една од плинските боци, која излетала од камионот, удрила во складиште за облека и текстил предизвикувајќи пожар.

„Огнот дополнително оштети неколку возила и комерцијални објекти, вклучително и многу мали и средни претпријатија. За жал, беа зафатени и станбени куќи во населбата, во кои голем дел од жителите биле внатре бидејќи беше доцна навечер“рекол портпаролот.

Очевидци на експлозијата за локалните медиуми изјавиле дека веднаш по експлозијата почувствувале потрес, а дел од нив мислеле дека станува збор за земјотрес.

Според весникот „Стандард“, кај многу од повредените се констатирани последици од вдишување на чад, а меѓу нив имало и 25 деца

Back to top button
Close