ФТ: Американски и француски разузнавачки служби ѝ овозможиле на Украина да ја усоврши кампањата на длабоки напади

Соединетите Американски Држави и Франција ѝ обезбедиле на Украина разузнавачки податоци кои ѝ овозможија да ја мапира руската противвоздушна одбрана и да ги идентификува рутите што им овозможуваат на дроновите со долг дострел да ги заобиколат и да стигнат до своите цели, пренесе денеска британскиот весник „Фајненшел тајмс“ повикувајќи се на украински извори.

Американските и француските разузнавачки служби исто така помогнале во усовршувањето на изборот на целите, „со што им помогнале на украинските тимови со дронови за длабоки напади да ’научат каде да удрат‘“, што резултираше со промена на стратегијата, јави британскиот дневник, цитирајќи го Андриј Загородњук, поранешен министер за одбрана и директор на украинскиот Центар за одбранбени стратегии.

Целта повеќе не е само предизвикување пожари во рафинериите или уништување резервоари за складирање, „туку подолго држење на постројките надвор од мрежата и секој напад да се направи поскап за Москва за да го поправи“, рече тој.

– Пред мисиите, единиците за дронови добиваат брифинзи од енергетски инженери и стручњаци од индустријата за компонентите кои се неопходни за работа на рафинериите и оние чија замена би траела најдолго – додаде Загородњук.

Со мапирање на меѓусебните врски на рафинериите, трафостаниците и мрежите за пренос на електрична енергија, украинските планери ги идентификуваат критичните точки каде што релативно мала боева глава може да предизвика максимална штета, рече тој.

– Украинските единици за дронови исто така почнаа повеќепати да удираат во истата критична опрема пред да се завршат поправките, со што ги спречуваат постројките да продолжат со работа – додаде тој за британскиот весник.

Back to top button
Close