Галатасарај заинтересиран за Касемиро
Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Касемиро би можел да ја смени средината пред крајот на летниот преоден рок, откако турскиот шампион Галатасарај изрази желба да го доведе, дознава „ЕСПН“.
Бразилецот повторно се најде на удар на медиумите во Англија по многу лошото издание во третото коло од Премиер лигата, кога „ѓаволите“ претрпеа убедлив пораз од големиот ривал Ливерпул – 3:0.
„Црвените“ ги искористија грешките на Касемиро за да ги постигнат првите два гола на „Олд Трафорд“, а играчот од средниот ред потоа беше заменет на полувремето.
Трпението на фудбалските фанови во Англија и навивачите на „ѓаволите“ веќе е при крај поради некарактеристично лошите настапи кои 32-годишниот фудбалер ги прикажа на крајот од претходната сезона.
Галатасарај му нуди излез на поранешниот ас на Реал Мадрид, а „ЕСПН“ тврди дека клубот од „Олд Трафорд“ не би имал ништо против.
Касемиро во Англија пристигна пред две години за 70 милиони евра. Претходно со голем успех го носеше дресот на Реал Мадрид, а настапуваше и за Порто и Сао Паоло.
Манчестер Јунајтед по три кола е на 14. место во поредокот во Премиер лигата со три бода