ГАЛЕРИЈА: Што се случува на вториот протестен марш против аерозагадувањето во Скопје?

Втор протестен марш против аерозагадувањето во моментов се одржува во Скопје на иницијатива на „Зелен Хуман Град“. Протестот започна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, продолжува кон Собранието на Република Северна Македонија и кон Владата, а предвидено е да заврши пред бараките на Град Скопје.

Од „Зелен Хуман Град“ имаат имаат четири конкретни барања за борба против аерозагадувањето во Скопје.

-Првото барање е јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува. Второто барање се однесува на еколошко загревање на објекти како Детската клиника во Козле, која сè уште се загрева на мазут. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите над автомобилите и четвртото барање е подобро управување со отпадот, изјави Борјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.

Од првиот протестен марш што се одржа на 10 декември поминаа речиси три недели.

– Две недели од доставените барања, а одговор од институциите уште нема. На кого му служат? Без чист воздух нема здравје! Без здравје нема живот! Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките, изјавија од „Зелен хуман град“ во најавата за протестот.

Фото: Фејсбук, Зелен хуман град

Партиите со меѓусебни обвинувања за тоа кој е одговорен за загадениот воздух. Опозициската СДСМ со забелешка дека шест месеци откако власта е во рацето на ВМРО-ДПМНЕ, тие не презеле одговорност и сериозни чекори, а граѓаните биле оставени сами на себе.

Порача дека Владата мора веднаш да ги ревидира своите политики и да преземе сериозни чекори за справување со загадувањето, а секој ден одложување значи уште повеќе загрозени животи на нашите сограѓани.

Од ВМРО-ДПМНЕ со реакција на нејзиниот прес. Велат СДСМ седум години не успеала ниту еден процент да го намали загадувањето на воздухот.

-Седум години СДС не успеа ниту еден процент да го намали загадувањето на воздухот.  Нивните прес-конференции каде што критикуваат за загадувањето на воздухот, се крајно лицемерни. СДС со нивниот криминален партнер ДУИ, наместо да се занимаваа со намалување на загадувањето на воздухот, тие гледаа како повеќе да го наполнат својот џеб. За разлика од нив, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ преку конкретни чекори ќе се бори против загадувањето на воздухот. Некои од мерките се, субвенции за инвертер клими, финансиска поддршка за еколошки технологии, пошумување и забрзана гасификација, како и иновативни решенија за одржлива иднина. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за граѓаните и работи во нивен интерес, стои во реакцијата на владејачката партија.

Претходно зелената партија ДОМ ја даде својата целосна поддршка за протестот.  “Марш за чист воздух”, во сабота 28.12.2024 од 12.30ч, организиран од загрижени граѓани и здруженија.

„Игнорирањето на понудените мерки од протестот пред две седмици од страна на повиканите институции е показател за нивната несериозност кон борбата за чист воздух и преземањето итни мерки за справување со загадувањето.

Уште еднаш ги повикуваме надлежните институции да покажат одговорност и да преземат конкретни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето – од промоција на обновливи извори на енергија и воведување на енергетски ефикасни решенија до зајакнување на инспекциските контроли и казнување на загадувачите“.

Според податоците на УНИЦЕФ, 11,6% од смртните случаи кај новороденчињата во земјава се поврзани со загадениот воздух, што значи дека секое деветто починато дете под една година го губи животот поради аерозагадувањето.

Back to top button
Close