Гардијан: ЕУ ризикува конфликт со САД поради гасоводот низ БиХ и деловните врски на Трамп

Европската Унија ризикува конфронтација со американскиот претседател Доналд Трамп откако се обиде да го одложи доделувањето на профитабилниот договор за балкански гасовод на компанија која ја застапуваат негови лични соработници, покажуваат документите до кои дошол британскиот весник „Гардијан“.

Брисел веќе се судираше со Трамп околу трговијата, Украина и воените трошоци, но интервенцијата во проектот за гасоводот „Јужна интерконекција“ изгледа дека е првпат ЕУ да оспори комерцијален потфат на лица блиски до американскиот претседател, оценува британскиот весник.

Гасоводот ќе поминува низ Босна и Херцеговина. Под притисок на американски функционери, што трае со месеци според босански извори, лидерите на БиХ забрзано дејствувале за да го доделат договорот на досега малку познатата компанија со седиште во Вајоминг.

Компанијата „AAFS Infrastructure and Energy“ е основана во ноември минатата година и не ги открива своите сопственици. Неа ја застапуваат двајца водечки членови на кампањата на Трамп за поништување на неговиот изборен пораз во 2020 година: Џеси Бинал, адвокат кој го бранеше од обвиненијата за поттикнување нереди на Капитол Хил по неговиот пораз, и Џо Флин, брат на поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател.

„AAFS“ планира да вложи 1,5 милијарди долари во гасоводот и во другите инфраструктурни проекти во Босна, изјавил нејзиниот локален претставник.

Во март законодавците усвоија закон за кој „Транспаренси интернешенел“ навел дека би поставил „опасен преседан“ со тоа што пропишува дека договорот мора да ѝ припадне на „AAFS“ без тендер. Неколку дена подоцна, претставникот на Брисел во Сараево упатил приватно предупредување до лидерите на БиХ дека ги загрозуваат надежите на таа земја за влез во ЕУ.

Во писмото испратено на 13 април, до кое дошол босанскиот истражувачки портал istraga.ba и до кое имал увид „Гардијан“, функционерот на ЕУ Луиџи Сорека напишал дека според енергетскиот договор меѓу БиХ и Брисел, „клучно е нацрт-законите темелно да се координираат“ со ЕУ. Сорека навел дека Брисел треба да има збор во законодавството за гасоводот.

„На овој начин, Босна и Херцеговина може да продолжи да напредува на својот европски пат и да избегне пропуштање на можностите за понатамошна интеграција, како и на финансиските можности“, рекол тој.

Бинал, меѓутоа, изјавил дека гасоводот е „приоритет за администрацијата на Трамп“. Прашан за интервенцијата на ЕУ, тој рекол дека „AAFS никогаш нема да го изгуби од вид она што е навистина важно во овој проект: обезбедувањето на енергетската безбедност и поттикнувањето на економскиот развој за граѓаните на Босна и Херцеговина“.

„Посветени сме на блиска соработка со сите релевантни власти за развој на инфраструктурата потребна оваа визија да стане стварност“, навел еден од двајцата познати застапници на компанијата.

Со поврзувањето на БиХ со терминалот за течен природен гас на хрватскиот брег, гасоводот би овозможил американскиот гас да стигне до земја која целосно зависи од Русија за своето снабдување.

Откако рускиот лидер Владимир Путин ја почна руската инвазија во полн обем врз Украина во 2022 година, Брисел определи рок за членките на ЕУ – како и за земјите кои се стремат кон членство, меѓу кои и БиХ – да престанат да купуваат руски гас до 2028 година.

Сепак, Брисел се соочува со можноста клучна нова фигура на европската енергетска шаховска табла да падне под контрола не само на американска компанија, туку на компанија лично поврзана со непријателски настроен претседател, пишува Гардијан.

Братот на Џо Флин, Мајкл Флин – поранешен шеф на американската разузнавачка служба, чија пресуда за давање неточен исказ пред ФБИ за неговите деловни врски со Русија ја поништи Трамп со помилување во 2020 година – лобирал за „лидерот на српската националистичка фракција во Босна“, односно за Милорад Додик, наведува „Гардијан“.

Оваа лобистичка кампања во октомври даде резултати кога беа укинати американските санкции против Милорад Додик, лидерот на босанските Срби, воведени поради поткопување на мировниот договор од 1995 година со кој беше окончана тригодишната војна во која загинаа повеќе од 100.000 луѓе.

Во април, Доналд Трамп Помладиот, кој ја води семејната деловна империја, го посети Сараево. Иако се чини дека ниту тој ниту Мајкл Флин се директно вклучени во проектот за гасоводот, Додик ја искажал својата поддршка за овој проект, потсетува „Гардијан“.

Back to top button
Close