Врховниот суд на Израел ја поништи одлуката на Изборната комисија и им дозволи учество на арапските партии
Врховниот суд на Израел денеска одлучи дека арапските партии можат да учествуваат на парламентарните избори на 27 октомври, поништувајќи ја претходната одлука на Централната изборна комисија со која беше предвидена нивна дисквалификација од изборниот процес.
Судот оцени дека одлуката на комисијата не ги исполнува законските услови за отстранување на партиите од изборите. Ваквото решение следува по жалбите поднесени против одлуката на Централната изборна комисија од крајот на септември, кога со 18 гласа „за“ и пет „против“ беше изгласано отстранувањето на конзервативната исламистичка партија „Раам“, предводена од Мансур Абас, како и на заедничката изборна листа на партиите „Хадаш“, „Таал“ и „Балад“. Од учество на изборите тогаш беа отстранети и одделни пратеници.
Во поднесените барања за нивна дисквалификација беа упатени обвинувања дека партиите поддржуваат вооружени дејствија против Израел, по што тие ја осудија одлуката на комисијата како „политичка, расистичка и антидемократска“.
Од друга страна, израелската изборна комисија не гласаше за отстранување од изборите на еврејската десничарска партија „Оцма Јехудит“, предводена од министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир.
Според анкетите за јавното мислење, ниту владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху, ниту опозициските партии во моментов не можат да сметаат на апсолутно мнозинство на клучните избори закажани за 27 октомври. Во такви услови, партијата „Раам“ би можела да има значајна улога при составувањето на следната израелска влада.






