Петровска: Од „Бихаќка“ ми се закануваат да замолчам, а СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ синхронизирано ме напаѓаат

Поранешната министерка за одбрана и пратеничка Славјанка Петровска излезе со нови обвинувања, тврдејќи дека во изминатите денови е цел на притисоци и напади и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.
Петровска тврди дека од „Бихаќка“ добива закани да престане со барањата за реформи и ветинг во СДСМ, но истовремено посочува дека против неа, според нејзините тврдења, се водат синхронизирани напади и од ВМРО-ДПМНЕ.
– Advertisements –
„Со денови, од Бихаќка добивам закани да замолчам во барањето на реформи и ветинг во СДСМ, или ќе видам што ќе ми се случи“, порача Петровска.
Како аргумент за нејзиното тврдење за координирани напади, таа ги посочи вчерашната прес-конференција на лидерот на СДСМ Венко Филипче, интервјуто на Владо Мисајловски, како и денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Петровска, во овие настапи биле пласирани „исти тези“ и „исти напади“, што таа го толкува како доказ за договор меѓу раководството на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„И видете синхронизирано, Венко Филипче вчера на прес, Мисајловски на интервју, а ДПМНЕ утринава на прес со исти тези, исти напади. Па има ли подобар доказ за нивниот договор и очигледната потреба да ја заштитат најдобрата инвестиција на ДПМНЕ на Бихаќка, а тоа е Венко Филипче“, наведе Петровска.
Таа дополнително тврди дека повторно се активираат, како што ги нарече, „истите лаги и манипулации“ кои биле ширени и пред една година.
Петровска побара надлежните институции што поскоро да ги проверат наводите што се пласираат во јавноста, а истовремено ги повика Филипче и Мисајловски на телевизиско соочување.
„Јавноста има право да ја знае вистината, ги повикувам надлежните институции час поскоро да ги проверат наодите, а Мисајловски и Филипче ги повикувам на телевизиско соочување на оваа тема, сакаат поединечно, сакаат здружено како што дејствуваат, сакаат еден по еден“, порача Петровска.






