Гаши: Собранието ќе го консултира Уставниот суд за да не згрешат ако ги разрешат членовите на Судски совет избрани од Парламентот
Ќе се консултираме со Уставниот суд ако правни експерти сметаат дека е противуставно и противзаконски Парламентот да ги разреши членовите на Судскиот совет коишто се избрани од Собранието за правнички да не згрешиме, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека по Нова година ќе преземат мерки против судии и обвинители, но не кажа конкретно дали ќе почне процедура за разрешување на членови на Судскиот совет. Неофицијално не се исклучува можноста да почне постапка за разрешување на пет члена на Судскиот совет избрани во Собранието.
-Негативниот извештај за работата на Судскиот совет значи дека Собранието на некој начин ги отповикува и дека може да почне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови. Процедурата е одредена во Деловникот. Комисијата за избори и именувања како што ги назначила, на ист начин ќе бидат разрешени и така ќе оди назначувањето на новите членови на Судскиот совет. Од Комисијата за избори и именувања ќе зависи кога ќе почне процедурата, на дневен ред ќе биде штом има услови за тоа прашање – вели Гаши.
Со неусвојувањето на годишниот извештај, се отвора можноста пратениците да се повикаат на членот 100 од Законот за судски совет и да отворат расправа за работата на членовите на Советот, избрани од Собранието.
„Доколку Собранието на Република Северна Македонија не го усвои извештајот, тоа ќе биде основа за поведување на расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во советот“, е еден од ставовите од овој член од Законот за судски совет.
Правните толкувања се дека власта не може така лесно да ги разреши овие членови на Советот. Од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Слободен печат“ толкуваат дека со ова има можност за интерпелација на овие членови, но ова само би значело политички притисок за тие сами да понесат морална и политичка одговорност.