Геноцидот во  Сребреница и политиката кон Србија  

Ова се фактите. Во јули 1995 година Војската на Република Српска (АРС) под команда на генерал Ратко Младиќ, познат во светот како Касапот од Балканот, влегува во градот Сребреница во источна Босна и Херцеговина. Филмуваните материјали покажуваат како гали по главата едно момче и ги уверува исплашените жители дека се ќе биде во ред.
Откога ги издојува мажите и момчињата, почнува со „етничко чистење“ со цел да обезбеди територијален континуитет на Република Српска со Србија. Тоа, подоцна, ќе го изјави пред телевизиски камери со зборовите „И го подаруваме овој град на српската нација…Чукна часот да им се одмаздиме на Муслиманите“.
Во пеколни седум дена и ноќи, собрани на неколку локации, со истрели од огнено оружје, убиени се најмалку 8000 мажи и момчиња припадници на муслиманската етничка заедница. Илјадници други кои се дале во бегство биле бркани и убивани од своите џелати. Со тешка механизација биле ископани неколку масовни гробници во кои биле фрлени убиените во најголемото масовно убиство во Европа од Втората светска војна до денес. Со помош на Комисијата за исчезнати лица, во 2010 , со ДНК тестови утврден е идентитетот на 6,400 жртви, закопани во Меморијалот за масовното убиство во Сребреница.
Децениската дебата во ОН за тоа дека кога човек ќе изврши убиство оди на суд, а кога политичар ќе предизвика војна и смрт на илјадници или на милиони не одговара, резултираше со формирањето на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија. Овој суд заклучи дека убиствата во Сребреница, заедно со масовното протерување на бошњачките цивили е геноцид, намерно убивање на голем број луѓе од определена националност или етничка група со цел уништување на таа нација или група. Заради помирување меѓу народите, обвинетите преку 50 починители за злосторството, беа изведени пред хашкиот трибунал и осудени на вкупно 700 години затвор. Меѓу нив се и Радован Караџиќ, претседателот на Република Српска и Ратко Младиќ директниот извршител на масакрот во Сребреница.
Деновиве, во пресрет на годишнината од геноцидот во Сребреница, во ОН кружи нацрт резолуција со која ќе се одбележи тој ден, за да се осуди злосторството, да се изрази почит за жртвите и да се забрани порекнувањето на геноцидот и глорифицирање на воените злосторници. Во неа се бара 11 јули да се прогласи за  „Меѓународен ден за размислување и сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995“. Во нацртот на резолуцијата не се спомнува ниту Србија нити Република српска зашто целта на Трибуналот  беше преку заслужени казни за извршителите да дојде до помирување меѓу народите. Сепак, резолуцијата е дочекана со жестока опозиција од страна на Србија и на Република Српска. Темата се прели и во Македонија и почна расправијата меѓу политичките партии. Во нашите медиуми кои ги карактеризира страшна површност, еднаква на она од партиските штабови,  никаде не ја сретнав приказната за геноцидот во Сребреница. Макар во неколку редови. Никаде. Наместо просветлување за страшната трагедија, во тек е меѓупартиска расправија околу предлогот на МНР да се спонзорира резолуцијата за Сребреница во ОН.
Каква политика е потребна на Македонија кон Србија?
Резолуцијата на ОН е насочена против српскиот народ, ќе речат Вучиќ и Дачиќ. Токму обратното. Меѓународниот суд за воените злосторства во Југославија воспоставен вo 1995, преку долгогодишна макотрпна работа, ги осуди виновниците и така го отвори патот кон помирување меѓу Србите и Бошњаците. Но, тоа е патот кој води до консолидација на Босна и Херцеговина како функционална држава. Тоа би бил пораз на идејата за прекројување на границите со цел создавање Голема Србија, главната причина за етничките војни од деведесеттите. Војните кои почнаа со паролата „Сите Срби во една држава“ идејата водилка на партиите на Шешељ и на Милошевиќ. Нивни членови тогаш беа младите Вучиќ и Дачиќ. Притиснатаи од меѓународните околности и домашните либерали во парламентот, низ годините, без многу ентузијазам, овие двајца политичари еволуираа во протагонисти на мирни решенија на Балканот и членство на Србија во ЕУ.
Но, „славното“ минато од нивната младост не е заборавено. Оттаму и жестокиот отпор на конзервативно-националистичката власт, како што е наречена на Запад, кон резолуцијата за Сребреница. Резолуција која, во заедничка декларација, деновиве ја поддржаа невладините организации во Србија. Претставниците на една друга Србија, знаат, како што некни ќе соопштат од ЕУ, дека „емпатијата и ценењето на страдањата на сите жртви“ е почетната точка на вистинското помирување.
Лично ако ме прашате, не само што би ја спонзорирал туку би ја напишал таа реозлуција. Но, кој е државниот интерес на Македонија? Нашиот државен интерес е добри односи со Србија, како, впрочем, и со сите наши соседи. Како мала држава потребна ни е сета поддршка што можеме да ја добиеме. Особено од соседите. Одлични односи со сите соседи, треба да биде целта на нашата надворешна политика.
Зашто, законите на политичката физика на Балканот не се поништени со создавањето на ЕУ. Тие закони изразени во еден единствен збор делуваат и денес. Зборот е: интерес. Србија не помага и има симпатии за нас Македонците затоа што тоа е во нивен интерес визави Бугарија. Бугарија се гордее со фактот дека нè признала прва, ама тоа е во нејзин државен интерес визави Србија. Грција ја го признава македонскиот јазик и нација зашто е тоа во нејзин државен интерес визави Бугарија.
Изложени на вкрстени влијанија, нашиот интерес е да опстанеме како држава и како македонска нација.
Затоа, кажувајќи ја вистината за Сребреница, потпишувајќи ја резолуцијата во ОН, не мораме со спонзорство да му брцаме со прстот во окото на соседот. Во наш државен интерес е, не отстапувајќи од вистината за геноцидот во Сребреница, трпеливо да го исчекаме времето на емпатија со страдањата на жртвите кое го носи новата генерација Срби. Пишувам за недостиг на сентимент, нешто многу подлабоко од дневната политика. Сентимент, човечност, која толку му недостасува на Балканот во односите меѓу народите. Ако мислите дека сите ние во Македонија сме исклучок, се лажете.
Денко Малески

Back to top button
Close