Герасимовски: Во четврток ја отвораме новата градинка Пролет, прва по 50 години
Градоначалникот Горан Герасимовски во гостувањето во емисијата „Во живо – Програма на градови” на МРТ информираше дека во четврток, за првпат по 50 години во Општина Центар ќе биде отворена новата градинка Пролет која е изградена по најсовремени стандарди. Тој потенцираше дека изградбата на градинката е целосно финансирана од општината во висина од околу 3 милиони евра.
„Добиваме една нова, модерна и урбана градинка, можам слободно да кажам не само најубава на територија на Скопје, туку и на територија на целата држава. 173 дечиња ќе бидат згрижени, во 9 занимални, во 3200 квадратни метри, со одличен двор. Употребени се најквалитетни материјали. Искрено сум пресреќен што успеавме меѓу малкуте општини во еден мандат да се отпочне и заврши една детска градинка што е редок случај во државата, за жал. Обично се отпочнуваат, но изградбите на такви големи капитални проекти траат и повеќе од еден мандат“, рече Герасимовски.
Герасимовски истакна дека овој проект го препознаваат и стручните лица, кадешто се одвиваат и вежби на студенти за да видат како е изградена, од какви материјали. Тој посочи дека негова грижа, но и на општината е да се подигне квалитетот на што повисоко ниво.
„Вложуваме многу, имаме најдобри услови во градинките, тие се многу подобри, но и поевтини од приватните. Имаме одличен персонал во самите градинки, во овие четири години имаме голем број на реконструкции, скоро во сите објекти кои се под капата на општината“, изјави Герасимовски