Германија протера 40 руски дипломати, Латвија и Литванија ги намалуваат дипломатските активности со Русија

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја објави одлуката за протерување на 40 руски дипломати, вработени во руската амбасада во Берлин, како „персона нон грата“.

Германија протера „значителен број“ руски дипломати, што шефицата на германската дипломатија го нарече одговор на „неверојатната бруталност“ што Кремљ ја спроведе во Украина.

Овој потег на Германија следува по преземените слични чекори на европските партнери во изминатите денови како одговор на руската инвазија врз Украина.

Покрај Германија, порано денеска и Латвија и Литванија излегоа со соопштение дека ги намалуваат дипломатските активности со Русија.

„Литванија е во целосна солидарност со Украина и со украинскиот народ, кои се жртви на невидена агресија на Русија. Затоа го намалуваме нивото на руското дипломатско претставување. За жал, она што светот го виде во Буча може да биде само почеток. Ќе можеме да откриеме уште повеќе докази за сурови воени злосторства во други градови по нивното ослободување. Воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од руските вооружени сили во Украина нема да бидат заборавени“,рече литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.

Back to top button
Close