Германија: Утре блокада на авиосообраќајот, задутре на градскиот транспорт

По штрајкот на машиновозачите, патниците во Германија се соочуваат со уште два транспортни штрајка оваа недела: синдикатот Верди ги повика работниците за безбедност на аеродромите да штрајкуваат в четврток и вработените во јавниот транспорт низ целата земја, вклучително и Берлин, в петок.

– Како што стојат работите во моментов, сообраќајот ќе биде целосно во прекин на повеќето аеродроми в четврток, соопшти управата на аеродромот Берлин-Бранденбург.

Според досегашните сознанија, нема да има полетувања ниту слетувања на авиони на големите аеродроми како Франкфурт, Хамбург, Берлин, Келн и Дизелдорф. Во штрајкот ќе учествуваат контролорите на летот, безбедносниот персонал во контролата на патниците и карго и аеродромската служба.

Синдикатот на работниците во јавните служби Верди го образложи еднодневниот предупредувачки штрајк со досегашните одолговлекувања на преговорите за новите колективни договори со претставници на здружението на работодавци во осигурување во авиосообраќај.

Пред тоа, Верди повика околу 90.000 вработени во градските служби за јавен превоз на еднодневен предупредувачки штрајк в петок. Штрајкот го засега јавниот транспорт во над 80 градови, вклучувајќи го и Берлин.

Завчера наутро предвреме заврши штрајкот на машиновозачите на Германските железници, кој минатата недела го парализираше железничкиот сообраќај во Германија.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close