Германските конзервативци сакаат коалициски разговори „многу, многу брзо
Германскиот конзервативен блок, кој излезе како јасен победник на вчерашните парламентарни избори, е подготвен за коалициски разговори што е можно поскоро, изјави утрово висок претставник на Демохристијаните (ЦДУ), пренесе ДПА.
– Од наша гледна точка, можеме да почнеме многу, многу брзо, изјави Јенс Шпан, заменик-парламентарен лидер на конзервативниот блок, за јавната телевизија АРД.
– Првите разговори треба да се одржат во следните неколку дена, се надевам пред крајот на оваа недела, рече Шпан, пренесе ДПА.
Наведувајќи ги глобалните тензии и војната во Украина, Шпан рече дека е „потребно германско лидерство во Европа“.
Иако конзервативниот блок кој го сочинуваат ЦДУ и нивната сестринска партија во Баварија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) победи со околу 28,5 отсто од гласовите, тоа беше нивниот втор најлош резултат досега и тие сега ќе треба да се потпрат на најмалку еден коалициски партнер за да формираат влада.
Со оглед на тоа што сите политички мејнстрим партии ја отфрлија соработката со екстремно десничарската антиимигрантска Алтернатива за Германија (АфД), која го постигна својот најдобар резултат до сега и дојде на второто место, се очекува конзервативците да им се обратат на социјалдемократите (СПД) на канцеларот во заминување Олаф Шолц.
СПД претрпе огромен пораз и падна на третото место со освоени околу 16,4 проценти.
Доколку се здружат со конзервативците, двонасочната коалиција би имала тесно мнозинство-вкупно 328 од 630 места во Бундестагот, според прелиминарните резултати.