Бугарскиот премиер Главчев: Ќе инсистираме ЕУ да ги потврди заклучоците за Република Северна Македонија


Бугарија ќе инсистира Европскиот совет да ги потврди своите заклучоци за Северна Македонија и да ја повика земјата да ги почитува преземените обврски за да продолжи на својот пат кон ЕУ, се вели во соопштението за печатот на Советот на министри на Бугарија.

Бугарскиот премиер Димитар Главчев денеска и утре ќе престојува во Брисел каде ќе инсистира во усвојувањето на заклучоците од состанокот на Европскиот совет да се вклучи текст за Република Северна Македонија.

Главчев ќе побара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците од 14 декември 2023 година, како и заклучоците на Советот за Северна Македонија и Албанија од 18 јули 2022 година и да ја повика Северна Македонија да ги преземе чекорите наведени таму за да постигне напредок на патот на европската интеграција.

Според бугарскиот премиер, важно е да се истакне дека имплементацијата на сите заложби, како и напредокот на сите реформи поврзани со ЕУ, остануваат клучни.

Вчера бугарскиот претседател Румен Радев и лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов едногласно ја осудија неподготвеноста на новиот македонски премиер Христијан Мицкоски да ги исполни обврските на земјата кон ЕУ.

– Денес конечно паднаа маските. Новата влада кај нашиот југозападен сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа земја е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарско“ во Република Северна Македонија – коментираше во средата бугарскиот претседател Румен Радев.

Во неделата премиерот Христијан Мицкоски најави дека додека е на функцијата нема да попушти пред „бугарскиот диктат“ и ќе поддржи измени во Уставот на државата.

– Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки на ЕУ“, против меѓународните обврски преземени од РСМ и против сопствените граѓани, кои јасно се изјаснија за поддршка за европскиот развој на земјата – изјави Радев по најавата на Мицкоски дека од Бугарија ќе бара промена на преговарачката рамка.

И лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, му испрати јасна порака на Мицкоски дека Северна Македонија повеќе не може да смета на поддршката од најголемата бугарска партија.

– Договорите, особено меѓународните и вткаени во преговарачката рамка на ЕУ, се почитуваат – рече Борисов.

Тој нагласи дека доколку има редовен кабинет ќе иницира средба со премиерот на РСМ.

– Без нашата и поддршката на Грција, РСМ немаат шанси за ЕУ. Сега нека бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, сега не можат да сметаат на тоа – категоричен е лидерот на ГЕРБ.

Подоцна вчера, и коалицијата на екс премиерот Кирил Петков ПП-ДБ излезе со став дека ако Северна Македонија сака да го продолжи својот пат кон Европската унија, нејзината нова влада мора да ги исполни меѓународните обврски.

„ПП-ДБ на ниту еден начин нема да поддржи повторно преговарање на францускиот предлог и отфрлање на условот Скопје да ги вклучи Бугарите како државотворен народ во својот Устав, за да може да започне преговори за влез во ЕУ. Францускиот предлог беше прифатен од 27 земји-членки на ЕУ и беше изгласан во бугарскиот и македонскиот парламент на 24 јуни, односно 18 јули 2022 година. Властите во Скопје мора да сфатат дека нивниот европски пат минува низ почитување на правата луѓе со бугарска самосвест во Северна Македонија“, се вели во нивното соопштение.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close