Главчев го поддржува приемот на Западен Балкан во ЕУ ако се почитуваат условите


Бугарија го поддржува проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан според принципот на почитување на условите за прием во Унијата, изјави вечерва бугарскиот премиер, Димитар Главчев, при пристигнувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

– Конкретно, кога станува збор за Северна Македонија, го имаме т.н. компромис од 2022 година, направен од наша страна. Тој е веќе европски (услов), потпишан од сите држави членки на Европската Унија, вклучително и од Бугарија, како земја членка, плус од Северна Македонија, и нема за што да преговараме. Нашата позиција е непроменета – рече Главчев.

Запрашан дали ќе се сретне со унгарскиот премиер, Виктор Орбан, при неговата посета на Софија, Главчев изјави дека „не му е познато дека ќе имаат средба, освен оваа во Брисел“, посочувајќи дека посетата е на поканата на бугарскиот претседател Румен Радев и дека сите прашања, околу тоа за што ќе се разговара, треба да се упатат на таа адреса.

Во контекст на денешниот самит, изјава даде и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, непосредно пред почетокот.

Тој изјави дека проширувањето е приоритет за сите во ЕУ, дека се посветени на тоа и веруваат дека тоа е „најголемиот залог во мирот, безбедноста и просперитетот“.
Во кратката изјава за новинарите по пристигнувањето, Кошта рече дека Самитот е важен од три причини.

– Бидејќи припаѓаме на исто европско семејство, делиме континент и што е најважно, заеднички вредности и заедничка историја. Второ, затоа што проширувањето е приоритет за сите нас. Ние веќе сме посветени на проширувањето и сите веруваме дека проширувањето е најважната геополитичка инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот – истакна Кошта.

Трето, тој рече дека ЕУ ја спроведува постепената интеграција на земјите од Западен Балкан, очекувајќи конкретни придобивки за граѓаните од регионот, како што се безвизен режим за патување, полесни плаќања и Планот за раст, со кој може радикално да се трансформира Западен Балкан.

– На оваа средба сакаме да го поттикнеме движењето кон проширување, кон поголема интеграција и споделување на заедничката историја – потенцираше Кошта.

Back to top button
Close