Го разбирам револтот на Костадинов, но одлуката за напуштање на ЗЕЛС е избрзана, вели Герасимовски

Општина Струмица изминатиот период се соочува со одредени притисоци и можни политички влијанија, но сметам дека одлуката на градоначалникот Костадин Костадинов за напуштање на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) е избрзана, рече денеска во гостување на Канал 77, градоначланикот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Од гостувањето на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски / Фото: Принтскрин

Посочи дека изминатите месеци Струмица се соочува со притисоци од власта, почнувајќи од водата, но и поради одбивањето на проектите со кои имаат аплицирано, за што верува дека ќе се најде решение по ова прашање.

„Има одреден револт кај мојот колега, градоначаникот Костадинов, но сметам дека одлуката за напуштање на ЗЕЛС е избрзана“,рече тој.

Посочи дека треба да седнат, да направат координација и да се продискутира како сите градоначалници од опозицијата треба понатаму да делуваат.

„Имам разговарано лично со него, понудивме помош, но очекувам следната недела да седнеме и да се координираме“,вели Герасимовски.

Според министерот за локална самоуправа Златко перински, најавата од општините Струмица и Карпош за излегување од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ќе ѝ штети не само на Заедницата, туку и на сите други општини. Смета дека ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа што ги застапува интересите на општините пред Владата.

Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов рече оти одлуката е донесена во знак на револт поради индиферентниот однос во периодот кога струмичани се соочуваат со забрана за водата за пиење, како и по одбивањето од Владата за реализација на единствениот пријавен проект од оваа општина со средства од унгарскиот кредит.Костадинов најави и дека ќе поднесе оставка и од функцијата член на Управниот одбор во ЗЕЛС.

По ваквите најави на Костадинов и Јакимовски, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, упати апел до нив „да се вразумат“ и да ја преиспитаат својата одлука за излегување од Заедницата на единиците на локалната самоуправа.

 

Back to top button
Close