Годишна проценка на разузнавачката заедница на САД: Можен зголемен ризик од локално меѓуетничко насилство на Западен Балкан во 2024

Западниот Балкан веројатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година. Ова, меѓу другото, се наведува во извештајот на разузнавачката заедница на Соединетите Американски Држави (САД) во однос на годишната проценка на заканите на глобално ниво.

Во извештајот насловен како „Годишна проценка на американското разузнавање за заканите за 2024 година“, во делот каде што се споменува Балканот, меѓу другото, се посочува:

„Националистичките лидери веројатно ќе ја влошат тензијата заради нивната политичка предност, а надворешните актери ќе ги зајакнат и искористат етничките разлики за да го зголемат или заштитат нивното регионално влијание или да спречат поголема балканска интеграција во ЕУ или евроатлантските институции.“

Во овој контекст се споменуваат немирите помеѓу, како што се наведува, српските националисти и косовските власти кои доведоа до смртни случаи и повредени, вклучувајќи ги и повредените мировници на НАТО во 2023 г.

Во овој дел од извештајот се споменува и водачот на босанските Срби, Милорад Додик, за кого се вели оти презема провокативни чекори за неутрализирање на меѓународниот надзор во БиХ и обезбедување де факто отцепување на Република Српска. Ваквите негови акции, како што се дополнува, би можеле да ги поттикнат лидерите на бошњачкото (босанско муслиманско) население да го зајакнат сопствениот капацитет за да ги заштитат нивните интереси и евентуално да доведат до насилни конфликти.

Проценката за состојба на Балканот во извештајот на разузнавачката заедница на САД се споменува како еден од случаите кои, како што се наведува, ќе имаат потенцијал за поголемо влијание врз глобалната безбедност и потенцијал за дејствување од страна на Соединетите Држави, нивните сојузници и партнери.

„Меѓудржавните превирања, без разлика дали се засновани на домашни немири, економско незадоволство или предизвици во управувањето, може да поттикнат циклуси на насилство и внатрешни конфликти. Предизвиците често се испреплетени со намалени социо-економски перформанси, ендемска корупција, дислокација на населението, ширење на идеологиите на екстремистите од терористичките и бунтовничките групи“ стои, меѓу другото, во извештајот „Годишна проценка на американското разузнавање за заканите за 2024 година

Back to top button
Close