Гранатирани градови во близина на украинската нуклеарна централа во Запорожје

Руски ракетни и артилериски напади погодија градови и области во близина на украинската нуклеарна централа во Запорожје, соопштија денеска украинските власти.

Гувернерот на Днепропетровската област Валентин Резниченко изјави дека делови од Никопол, поради силните ракетни напади во текот на ноќта, останале без електрична енергија. Во гранатирањето во Марханец оштетени се десет станбени објекти.

Во градот Запорожје, на околу 40 километри од нуклеарната централа, две лица се ранети синоќа при гранатирање, изјави членот на градскиот совет Анатолиј Куртев.

Украинската државна нуклеарна компанија Енергоатом вчера соопшти дека руските сили го гранатирале комплексот на нуклеарната централа Запорожје, што е под руска контрола од март.

Во соопштението на каналот Телеграм на компанијата се наведува дека руските војници во изминатите 24 часа повторно ја гранатирале територијата на нуклеарната централа и дека се проценува штетата.

Локалните власти во Запорожје минатата недела почнаа да дистрибуираат таблети со јод на жителите кои живеат во близина на електраната, во случај да бидат изложени на радијација.

Руските сили ја окупираа нуклеарната централа во март, а украинските инженери сè уште работат таму.

Back to top button
Close