Грчките медиуми за датумот за предвремени избори кај нас

По долги и интензивни полемики за одредување датум за предвремените парламентарни избори, владата и опозицијата се договорија да се одржат на 15 јули, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА во текстот за изборите кај нас, кој го презедоа голем дел медиумите во Грција.

„Бел чад во Скопје: Заев и Мицкоски се договорија за избори на 15 јули“; „Северна Македонија: на 15 јули парламентарните избори“; „Северна Македонија: Коцката е фрлена за датумот за предвремените избори“; „На 15 јули парламентарните избори во Скопје“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

АНА-МПА, во текстот објаснува дека изборите по првпат ќе се одржат во среда, а потсетува дека првичниот термин беше 12 април.

Паралелно, пишува дека и „претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во неговата писмена изјава го поздрав договорот постигнат меѓу политичките партии“.

Онлајн изданието на грчкиот весник „Етнос“ пишува дека земјата од февруари е без Собрание и објаснува дека од почетокот на јануари постои техничка влада.

На 15 јули ќе се одржат изборите во Северна Македонија, четири месеци по нивното распишување и затворањето на Собранието, а земјата брои 193 починати од коронавирусот, наведува „Етнос“.

Back to top button
Close