Грешка, саботажа или хакерски напад се можни причини за падот на Фејсбук, анализира Ројтерс

Фејсбук, Инстаграм, Месинџер и ВатсАп не работат повеќе од три часа. Само Фејсбук, има околу две милијарди активни корисници

Во меѓувреме, акциите на Фејсбук паднаа за 5,5%. Не само поради недостапоноста на сајтот туку и излегувањето во јавност на нивна поранешна вработена која ја обвини компанијата дека наместо за безбедноста, повеќе се грижела за профитот

Најголемата светска социјална мрежа која дневно ја посетуваат две милијарди корисници низ целиот свет, Фејсбук, е „падната“ повеќе од три часа. Покрај Фејсбук, не работи и можеби втората најпопуларна социјална мрежа, Инстаграм, како и апликациите за комуникација Месинџер и ВатсАп. Сите овие сервиси се во сопственост на Фејсбук.

До овој момент, компанијата излезе само со штуро соопштение на една од мрежите кои работат – Твитер. Велат, запознаени се со проблемот и работат на него.

 

„Свесни сме дека некои луѓе имаат проблеми да пристапат до нашите апликации и производи. Се обидуваме да ги вратиме работите во нормала што е можно побрзо и се извинуваме за непријатностите“,

напишаа од Фејсбук на социјалната мрежа Твитер.

Компанијата, сепак, не соопшти никакви детали за тоа во што е проблемот, ниту пак кога може да се очекува да се реши.

Ројтерс: Проблемот е во (DNS)

 

Откако на сите им стана јасно дека не станува збор за мал проблем, дел до големите светски медиуми тргнаа во „потрага“ по причините за „падот“. Засега, најконкретни во проценките се новинарите од агенцијата Ројтерс. Од достапните податоци и консултации со експертите, медиумот тврди дека станува збор за проблем со т.н. DNS сервис (Domain Name System). DNS-от им овозможува на веб адресите да ги „однесат“ корисници до посакуваните дестинации. Сличен инцидент од големи размери се случи во јули годинава кога „паднаа“ голем број на интернет страници низ светот, бидејќи „падна“ компанијата која нуди „cloud” простор за интернет страници, Акамаи Технологии.

Падот на DNS услугата, пишува Ројтерс, може да се случи поради повеќе причини. Најчесто, станува збор за грешка во конфигурацијата, што пак може да е последица на внатрешна грешка или пак саботажа од вработен во компанијата. Иако не е исклучено, според Ројтерс малку е веројатно дека станува збор за хакерски напад бидејќи за да се „бутне“ Фејсбук со т.н. DoS напад би требало да има координирана акција од повеќе криминални групи или пак примена на особено иновативна техника.

Паѓаат акциите на Фејсбук

Попладневно, акциите на Фејсбук паднаа за околу 5,5%, што е најлош ден за компанијата во последната година. Но, падот на акциите не се должи само на проблемите во „виртуелниот“ свет. Вчера, поранешната вработена во Фејсбук, Францес Хауген, на американската ТВ емисија „60 минути“, откри дека таа е „свиркачот“ кој во изминатиов период испраќаше доверливи информации до медиумите дека компанијата давала приоритет на профитот пред безбедноста на мрежата. Сега и со име и презиме Хауген го обвини Фејсбук дека ги засилувал своите алгоритми за откривање и блокирање на лажни вести само под притисок на јавноста, за веднаш штом ќе помине притисокот да се врати „стариот“ слободен систем на ширење секакви информации во име на раст на мрежата.

Back to top button
Close