Грмотевица

Силни грмотевици од една ретроградна и брутална политика се истурија врз нас овие денови, во предвечерието на нашиот најголем христијански празник Велигден, некако да не потсетат како било, да не заборавиме.

 Како да се борите против тоа? Сигурно се прашуваат многу добронамерни и чесни граѓани. 

Не го гледав тоа интервју на Христијан Мицковски пред десетина дена, кога ни кажа на сите дека грмел таму, на тоа интервју мислам, кога слушнав веднаш го пронајдов и го изгледав малку, да видам каква е таа грмотевица? Абе што да кажам се стресовме сите од грмотевиците, се исплашивме ептен! Од Христијан во овој изминат период единствено што слушаме се само грмотевици од лаги, за што има и “тапија“ од ЕУ, како извор на лажни вести нели, слушаме само закани дека ова ќе правел, она ќе правел, ќе апсел, ќе пустел, гледаме еден чуден диктаторски порив во него, но се друго што слушаме е едно големо ништо.

 Минатата година, некаде по распуштањето на Собранието поради парламентарните избори, еден поранешен функционер од највисокиот ешалон на претходното раководство на Груевски, онака во еден неврзан муабет, пријателски, ми вели, ,,знаеш друже во ова раководство на партијата не гледам разумен човек, се е тоа таму наоштрено и радикално, не разбираат политика, се конфронтираат со сите, па и со странците и мислам дека ништо нема да направат на изборите“, некако гледам дека човекот бил во право, точно погоди.        

Мнозинството од македонската демократска јавност со право беше згрозена од она врескање на митингот во неделата и со право многумина се прашуваа за што протестираат овие луѓе. Слушнавме многу коментари и анализи дека ете се вратиле на “местото на злосторот“, дека не потсетиле на тој 27 април, па како можело така, како може да не се сменети во својата ментална матрица и да не извлекле поука од тоа, едно масовно исчудување и многу прашања и анализи слушнавме, сето тоа за џабе. Еве веднаш да им кажеме, абе ич не се променети и нема да се променат. Па сега да можат ќе влезат во Собрание и со поголем жар и желба ќе го направат истото, што мислите вие? Со кој си имате работа? Зошто е тоа така? Зошто се уште го бараат Никола Груевски и таа политика? Па сигурно не го бараат за да го бранат уставот! Па никој од нив не влезе таму да брани устав ниту да ја брани Македонија, влегоа по партиска наредба за да ги сочуваат своите позиции и привилегии, да ја сочуваат власта и пак истото би го направиле и за да се вратат на власт. Се работи во основа за политика која произведе една “политичка елита“ која во нормални времиња тоа никогаш не би била, па привилегиите кои ги стекнаа и кои ги загубија  спремни се повторно за нив да се борат, ако треба и со крв. За таа политичка елита сум пишувал и порано дека е всушност најголемата измама која им се случила на македонците под плаштот на патриотизмот, никогаш не биле патриоти, тоа е измама. Да, точно е, Никола Груевски е заслужен за многу од нив што од “понављачи“ во средно завршија партиски факултети, па станаа началници, началнички, професори, некои и магистри станаа, тој е заслужен што многу од нив вода во очи немаа па енормно преку ноќ се збогатија, некој како директорче а некој поснаодлив и како шеф на смена успеал во животот да направи паричка, заслужен е и што многу од нив за прв пат женска фатија па и се оженија, да, не се чудете, и затоа е Груевски заслужен, па сега како очекувате и се исчудувате зошто се уште го поддржувале 27 април, абе ќе го поддржуваат и тој 27 април и нов ако треба 27 април,  тоа е вистината колку и да е болна. 

Токму затоа кога ќе кажат уставобранители коса ми се дига на глава од таа грозна манипулација и тој несреќно избран термин. Мислам дека треба веќе да престанат да ги злоупотребуваат луѓето кои се во затвор поради настаните од 27 април, треба да престанат да ги злоупотребуват нивните семејства. Каква хипокризија е тоа, да протестираат и повикуваат на протест оние кои до вчера на глава ни се качија како немало услови да се спроведе попис, како немало услови за избори, секако поради пандемијата, здравјето на луѓето било во опасност, па сега кога ќе го видите овој кластер ткн. “протести за уставобранители“, да се чудите, кој носеше маска во таа толпа, па нели пандемија е, ова се вика друже ,,луд ј..е збуњеног“, што би рекле нашите комшии. Нема пандемија кога борба за власт е во прашање, ами како. Па слушам повторно ги лажеле во партија, дека со овој митинг ќе почнело рушењето на владата. Па нагрнаа ојлевци и дојлевци од сите страни, оние кои ги немаше овие години на митинзите и по улиците, некои постираа на социјалните мрежи, намирисале нешто или добро ги излажале, па си викаат да се измешаме и ние во гужвата да не видат. 

Но едно да им кажам, тешко таа работа, уште доста вода ќе протече и ќе се изначекаат уште бајаги долго. Не бива таа работа. Со ваква масовна поддршка на насилство никогаш нема да бидат власт. Промашија тотално со протестот, голем негативен одиум во јавноста доби сето ова па сега гледам се обидуваат да се исперат некако ама тешко им оди. 

Но како и да е, на другата страна и премиерот го чекаат многу битки на многу фронтови. Не се тоа само со Христијан и “уставобранителите“, туку и внатрепартиските битки со многу “замрзнати“ и “одмрзнати“ Стојковци. До конгресот а и по конгресот допрва го чека голема работа и борба. Не можам само да ја разберам таа патолошка омраза спрема него која ја имаат некои негови поранешни сопартијци, па како печурки по дожд веднаш штом има некој настан како овој со Стојко, први излегуваат, мудруваат нешто и кажуваат како требало да биде а како не требало, ма ајде молим те. Пуштаат разни муабети по луѓе како ќе го рушеле “внатрепартиски“ штотуку избраниот претседател на СДСМ Зоран Заев. Но точно е, тоа се гледа веќе, премиерот го чекаат удари од сите страни, треба да биде добро подготвен во периодот што претстои. Ех, за што се расправаше македонската јавност деновиве, за Стојко, па рипнаа сега овие од опозиција да го бранат и да кажуваат како треба, па зар беше замисливо порано ваква ситуација во нивно време, абе Груевски на Голи оток ќе го пратеше Стојко да беше во тоа време директор па уште да му го одбруси она  ,,Прости му не знае што прави“. Така е сега во демократија, нека се сетат малку.

Ви посакувам во убаво расположение да си го поминете нашиот најголем Христијански празник, Велигден, нека е за многу години.

м-р Глигор Стоименов

Back to top button
Close