Груби до ВМРО-ДПМНЕ: Очекував клевети, но не и дека ќе паднете толку ниско да напаѓате членови на моето семејство

Откако ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека ќе почне со објавување докази за богатењето на првиот вицепремиер Артан Груби и членови на неговото семејство, со објава на Фејсбук попладнево реагираше Груби кој вели дека како јавна личност очекувал и ќе се соочи со кампањата на клевети, но не верувал дека од опозициската партија можеле да паднат толку ниско и да напаѓаат членови на неговото семејство. \

Во објавата првиот вицепремиер вели дека нападите се без никаква основа и причина и дека членовите на неговото семејство на кои се однесуваат наводите на ВМРО-ДПМНЕ работата во приватниот сектор многу порано пред тој да почне да се занимава со политика.

„Денешните обвинувања и клевети на ВМРО ДПМНЕ и довчерашните на албанските експоненти и нивните познати пријатели во случаите `Алфа`, `Монструм` и `Дива Населба`, освен што се лаги без никакви факти и претставуваат најниско можно ниво на политика, се добро координирани и продолжение на нивната заедничка кампања за оштетување на ДУИ, претседателот, мене и високите експоненти на ДУИ, како и на реформскиот и интегративен пат преку Алијансата за Европа наспроти изолирачките сили предводени од ВМРО и помогнати од некои Албанци, кои, за жал, целосно се ставија во служба на овие напори против проевропските сили“,вели Груби во реакцијата на својот официјален фејсбук-профил

Овие обвинувања и други, потенцира првиот вицепремиер, што се шират, како што вели, преку овие експоненти, меѓу кои се и обвинувањата за кредитот и хипотеката на неговиот брат за деловниот објект од 20-годишен бизнис се присутни во јавноста повеќе од една година.

„И никој од пропагандистите, Албанци или Македонци, не ги доставува своите `докази` до институциите, туку клеветите ги користат за политички кампањи, рушење на угледот и дефокусирање“, вели Груби.

Тој ја повикува и како што вели, ја охрабрува изолирачката и клеветничка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и оние Албанци кои се ставени во нивна служба секој доказ за секој потенцијален криминал да го пријават до надлежните институции.

Back to top button
Close